Истражувачи од Универзитетот во Токио ги изучувале пештерските слики од сите краеви на светот и заклучиле дека шарите на нив потсеќаат на оние кои ги нацртале современи луѓе под дејство на опијати.
Како што знаат антрополозите, примитивните луѓе пред духовните ритуали јаделе билки кои содржат халуциногени состојки, и потрагата за овие билки била важен дел од нивниот живот. Овие обичаи и до денес се сочувани кај примитивните племиња во Амазонија и Папуа Нова Гвинеја.
„Пештерските луѓе ги барале овие дроги за светот и нивните мисли да добијат повисоко значење“ – вели Такаши Икегами, научник кој работи на истражувањето.
Според истражување на научниците, човечкиот мозок создава шаблони кога е во состојба на изменета свест, а овие исти шаблони ги забележале и на цртежите најдени на сите континенти.
„Кога визуелните симболи кои се гледаат за време на изменетата состојба на свеста ќе се насликаат, тогаш тие слики имаат повисоко значење“ – пишува во студијата на научниците.
Сепак, останало необјаснето зошто шаблоните кои мозокот ги создава имаат токму таков облик, и како е можно од пред 40.000 години на сите континенти да се јавуваат облици идентични на оние кои денес луѓето ги доживуваат кога се во состојба на изменета свест.
Кога е човечкиот мозок изложен на халуциногени супстанци, се случува хемиска реакција која предизвикува гледање на шаблони кои потсеќаат на самата клеточна структура на мозокот. Овој процес се вика Турингова нестабилност, и научниците сметаат дека неговото разбирање е клучно за одгатнување на мистеријата за униформноста на пештерските слики ширум светот, кои потекнуваат од различни временски периоди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


