| четврток, 6 декември 2018 |

Букурешкиот договор и денес е жив

manu

Македонија и Балканот и денес ги трпат последиците од Букурешкиот мировен договор од 1913 година, сметаат дел од учесниците на Меѓународниот научен собир „Букурешкиот мировен договор, Македонија и Балканот“, што денеска и утре се одржува во Скопје, во организација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Академик Блаже Ристовски оцени дека Букурешкиот мировен договор има трајни последици кои и денес се актуелни во Македонија со наметнатиот проблем со името.

– Силата и интересите и денес владеат како што владееја и пред 100 години. Последиците се трајни и денес најмногу ги чувствуваме. При такви судбоносни решенија, како што е Букурешкиот мировен договор, последиците остануваат долготрајно бидејќи се работи за распарчувањето на една земја и на еден народ. Тоа е трајна последица, а денес веќе дури и името ни се одрекува, ни се одрекува и нашиот идентитет, нашата култура, историја, јазикот… – изјави Ристовски пред почетокот на собирот.

Според него, доколку во 1913 година ѝ се дадеше самостојност или автономија на Македонија, немаше да има никакви последици или недоразборања со соседите.

– Се надевам дека и науката ќе и помогне на политиката да можеме некои прашања да ги реашваме многу поспокојно за доброто на сите на Балканскиот полуостров, посочи Ристовски.

За проф. д-р Тодор Чепреганов изгледа како некои работи од историјата да ни се повторуваат доколку се има во предвид се што се случува околу приемот на Македонија во НАТО и ЕУ.

– Во однос на Балканските војни во матрицата на балканските држави нема никаква промена и по 100 години. Тие како да стојат во место во однос на договорот од Букурешт. Гледаме денеска што ни се случува со името. Истите оние коишто ја делеа територијата на Македонија, денеска се уште не сакаат да го признаат постоењето на државата Република Македонија, постоењето на македонска нација, македонски јазик и култура. Една од нив е Грција, а зад неа стои и Бугарија од време на време, изјави Чепреганов.

Според него, историски гледано Букурешкиот мировен договор не е целосно во функција, ако се има во предвид дека во 1944 година Србија, една од земјите потписнички се откажа од него и дозволи на територијата која ја зема во 1913 година да се формира Федеративна Народна Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top