Излегува ли на површина фракционерството во СДСМ и во желбата на повеќето струи на”Бихаќка” за контрола врз медиумите блиски до нив и битката за главен промотор на најголемата опозициска партија? Новинари, директори на невладини организации, универзитетски професори кои важат за блиски до опозицијата, преку колумнии на социјалните мрежи изминатиов период отворено се конфронтираат околу различните гледишта за тоа како опозицијата треба да делува и меѓусебно се обвинуваат за изворите на финансирање, анализира телевизијата Алфа.
По препукувањата со Бранко Героски и Владимир Милчин, сопственикот и уредник на порталот Мактел, Саше Ивановски во својата последна колумна во која вели дека СДСМ треба да се врати на власт преку популизам, му се обраќа на Љубомир Фрчковски. Наспроти тврдењата на Фрчковски со кои се спротивставува на популизмот како начин на делување на СДСМ, Ивановски вели дека опозицијата само на таков начин може да го освои медиумскиот простор или пак со 2 милиони евра годишно, пари кои ќе бидат наменети за силна медиумска пропаганда на опозицијата.
Претходно Ивановски, кој во политичките кулоари важи за близок до лидерот на СДСМ Зоран Заев, имаше преписка и со новинарот Бранко Героски и првиот човек на фондацијата СОРОС во Македонија, Владимир Милчин.
Саше Ивановски го обвини Милчин дека СОРОС во Македонија преку Институтот Отворено општество контролира мрежа од над 100 невладини организации и 20 портали и медиуми. Според него СДСМ не смее да отстапи од линијата која му ја диктираат овие медиуми бидејќи би останал без потребната поддршка.
Милчин пак му забележа на раководството на СДСМ дека го фаворизира Ивановски, како курир кој пренесува туѓи пораки, продукт на кујните на “Бихаќка”.
Со Героски пак, Ивановски влезе во судир околу името, изворите на финансирање и уредувачката политика на новиот дневен весник”Слободен печат”. И тука Ивановски ги препозна интересите на СОРОС. Ивановски и Героски влегоа во судир и околу тоа дали СДСМ сам треба да излезе со став за тоа како треба да се реши спорот за името со Грција.
Деновиве излегоа и информации за влијанието на СДСМ врз медиумскиот простор и на локално ниво, односно дека Миле Милановиќ, член на општинската организација на СДСМ истовремено бил и управител на струмичката телевизија Вис. Тој ги демантираше овие тврдења, а остри реакции на неговиот настап стигнаа од двете новинарски здруженија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.