| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се реконструираат спортските сали во основните училишта во Аеродром

sala

По реконструкција на фасадите, на ред се спортските сали во основните училишта во скопската населба Аеродром. Општината веќе распиша тендер кој се очекува да заврши до крајот на февруари.

Со реконструкцијата ќе бидат опфатени спортските сали во училиштата „Ѓорѓија Пулевски“, „Димитар Македонски“, „Лазо Ангеловски“, „Љубен Лапе“, Браќа Миладиновци“ и „Блаже Коневски“. Планирано е да се реконструираат покривите, внатрешната столарија и санитарните јазли и да се постават заштитни решетки на прозорците и вратите во салите. За оваа намена општината од Буџетот веќе има одвоени околу 40 милиони денари, но се очекува цената да биде пониска со оглед на тендерската постапка.

– Со оваа реконструкција завршува фазата на обнова на сите основни училишта и на тој начин на нашите дечиња ќе им оставиме реконструирани училишта во кои тие ќе може безгрижно да учат и спортуваат и да прераснат во силни индивидуи- изјави градоначалникот на Аеродром, Ивица Конески. Тој заедно со министерот за образование Панче Кралев и директорот на Агенцијата за млади и за спорт (АМС) Лазар Поповски го промовираа проектот за реконструкција на спортските сали.
– Министерството за образование и наука веќе го спроведува проектот за изградба на 145 спортски сали од кои 28 се завршени и предадени во употреба, а 26 се во изградба. Очекуваме шест од нив да бидат завршени до крајот на март, а останатите во текот на годината. Спортската сала што се гради во Аеродром е една од тие кои што треба да заврши со изградба до крајот на годината и на тој начин да ја надополнат инвестиционата програма на општината која подолго време се реализира за подобрување на условите за изведување на наставата и спортските активности во училиштата- изјави  Кралев.

Од општината очекуваат реконструкцијата да започне во март и да заврши до мај/јуни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top