Бурата „Кристијан“ однесе три жртви во Германија, две лица во покраините Северна Рајна Вестфалија и едно во Долна Саксонија загинале од откорнати дрвја. На сообраќајница меѓу Есен и Гелзенкирхен од падот на дрво врз автомобил настрадале татко и неговиот син, а во Фрисланд загинала жена.
Силните ветрови предизвикаа пречки во железничкиот сообраќај првенствено во северниот и западниот дел од земјата.
Посебно е погодена од невреме и Велика Британија, каде досега има четири загинати лица. Сите жртви во Британија настрадале откако дрвја паднале врз нивниот дом и автомобил. Во Амстердам пак дрво откорнато од бурата усмртило една жена. Би-Би-Си јавува дека што се однесува на Велика Британија најлошото поминало и оти бурата веќе се наоѓа над Холандија. Метеоролозите велат дека бурата може да биде најлоша во изминатите десет години.
Ветровите со сила на ураган, кои дувале со брзина од 160 километри на час, оставиле над 250.000 домаќинства во Велика Британија без струја.
Граѓаните на Амстердам се советувани од надлежните власти да не ги напуштаат домовите, како и да не возат велосипеди поради силниот ветер. Главната железничка станица во Амстердам поради оштетувањата предизвикани од бурата е затворена. Затворен е и аеродромот Схипхол, четвртиот најголем во Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.