Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо го заштити „основното право“ на личен живот и предупреди за опасноста од „тоталитаризам“. Неговите изјави се во врска со новите откритија за американска шпионажа во Европа, пишува МИА.
На прес-конференција во Брисел, пред почетокот на средбата на врвот на ЕУ, Баросо потсети дека за време на Германската демократска република во Источна Германија, „политичката полиција секојдневно ги шпионирала луѓето“.
– Ние знаеме од сосема блиското минато што значи тоталитаризмот, ние знаеме што се случува, кога државата ја користи власта, за да упадне во личниот живот на луѓето, рече Баросо.
Во меѓувреме, Германија го повика американскиот амбасадор во Берлин на разговор поради сомнежот дека Вашингтон го прислушувал мобилниот телефон на канцеларката Ангела Меркел, соопшти портпаролката на германското Министерство за надворешни работи.
Меркел вчера побара од американскиот претседател Барак Обама објаснување за објавените информации за можно шпионирање на нејзиниот мобилен телефон, нагласувајќи дека тоа би претставувало кршење на довербата меѓу двете партнерски држави. Портпаролот на Белата куќа изјави дека моментално не ја прислушуваат Меркел, но не ја отфрли можноста нејзините разговори да биле следени претходно.
– Безбедноста на мобилните телефони на еврокомесарите или на претседателот на Европската комисија не може да биде ставено под знак прашалник, изјави портпаролот на ЕК, Оливие Баи како одговор на тврдењата дека бил прислушуван телефонот на германската канцеларка Ангела Меркел од американската Национална безбедносна агенција (НСА).
Британскиот новинар Глен Гринволд, во интервју за италијанскиот неделник „Еспресо“, пак, тврди дека Италијанците биле шпионирани не само од американските тајни служби, туку и од британските.
– Италија не беше само на мета на системот Призма, создаден од американските служби за електронско следење. Со слична програма, наречена „Темпора“, британските служби ги шпионираа оптичките кабли, кои ги пренесуваа телефонските разговори, и-мејловите и Интернет сообраќајот во Италија, рече британскиот новинар.
Според новинарот, важните информации, собрани од Британците, потоа биле разменети со Агенцијата за национална безбедност.
Кај Гринволд се наоѓаат документите, кои му ги доверил Едвард Сноуден, поранешен службеник на американската Агенција за национална безбедност (НСА), за американското електронско шпионирање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Европа го освои „Лејвер купот“ (Видео)
-
ВМРО-ДПМНЕ: Македонија ќе оди напред во ЕУ и во НАТО, но без Заев
-
Студен бран од Сибир ја зафати Европа: Неверојатно ниски температури во Франција, Италија, Полска, тројца починаа од студ (фото)
-
Во Австралија беснее грип поопасен од свинскиот – се шири и кон Европа


