| четврток, 6 декември 2018 |

Кој ќе влезе во трка за претседател?

На 5 месеци пред претседателските избори, партиите ги кријат кандидатите кои ќе се борат за 5 годишен престој во Вилата Водно, објави „Сител“. Иако ниту една од политичките партии не излегува со конкретни имиња, голем дел од нив потврдуваат дека ќе истрчаат на претседателската трка. Од ВМРО-ДПМНЕ се уште не може да се добие информација дали актуелниот претседател Иванов ќе добие можност за нов 5 годишен мандат.

Партијата согласно воспостваената пракса одржува внатрепартиски избори на кои се одлучува за тоа кој ќе биде кандидатот на изборите. Во отсуство на иформации се шпекулира со повеќе имиња, меѓу кои и името на актуелниот министер за финансии, Зоран Ставрески, бизнисменот и поранешен дипломат, Срѓан Керим, а своја кандидатура на внатрепартиските избори во ВМРО-ДПМНЕ најави и професорот Јове Кекеновски.

Слична е ситуацијата и во опозициската СДСМ. Партијата веќе ги почна консултациите со коалиционите партнери околу кандидатот за претседателските избори, но конкретни имиња не се откриваат. Неофицијално во игра се поранешниот Гувернер на Народната банка, Петар Гошев, професорот Стево Пендаровски. Лидерот Заев рече дека најверојатно ќе се бара натпартиски кандидат кој ќе биде прифатлив за сите.

Свое учество на изборите најави и новата партија на Стевчо Јакимовски. „Громовци“ потврдија дека ќе кандидираат свој човек но и неговото име се уште не се соопштува.

Кандидатура најави и Стојанче Ангелов. Иако не потврди дека тој ќе биде кандидат на партијата Достоинство, сепак, станува извесно дека доколку ги собере потребните 10.000 потписи, сам ќе влезе во претседателската трка.

Молк владее и во албанскиот политички блок. Интегртивците на Ахмети не откриваат дали воопшто ќе предложат свој кандидат или пак во замена за своите гласови, ќе се обидат да издејствуваат Албанец кај некоја од македонските политчки партии.

Тука во игра влеува името на професорот Мерсел Биљали за кого веќе има и страна за поддршка на Facebook. Со оглед на неговите релации со партиите од македонскиот политички блок, не се исклучува можноста тој да биде кандидат на опозицијата.

Дали ДПА ќе испрати свој кандидат на изборите или пак ќе поддржат некој од веќе предложените од Тетово се уште нема одговор.

Изборите ќе се одржат во март следната година. За некој од кандидатите да стане Претседател на Македонија, потребно е во вториот изборен круг на гласање да излезат најмалку 40% од гласачите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top