Во Брисел се размислува сценарио идното проширување на Европската унија да се подели на два дела. Македонија, Црна Гора и Србија би глегле во Унијата во 2020 година, а Албанија, Босна и Херцеговина и Косово во 2023 година.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, оваа информација, повикувајќи се на „високи извори од ЕУ”, денеска ја објави хрватскиот дневен весник „Слободна Далмација”, а силно одекна и во самата Унија.
Според овој весник, иако претходно постоела опасност процесот на проширување целосно да замре, по последните прогрес извештаи на Европската комисија за земјите-кандидати и потенцијални кандидати, овој процес, барем што се однесува на Балканот, повторно дише со полни гради.
– Најмногу кон ЕУ се придвижи Црна Гора, која веќе преговара. Србија може да ја достигне ако ги реши сите прашања со Косово, додека Македонија има проблем со Грција и поради тоа оваа држава, иако долго време има статус на земја-кандидат, не може да ги отвори преговорите, се наведува во текстот на „Слободна Далмација”.
Што се однесува до Албанија, БиХ и Косово, хрватскиот весник потенцира дека овие три земји ќе ги следат претходните што заеднички би влегле во ЕУ во 2020 година и со силни напори и реформи, по три години, односно во 2023 година и тие би станале дел од „големото европско друштво”. Со ова, според „Слободна Далмација”, би се заокружил процесот на проширување на Унијата на Балканот што е дел од Солунската агенда на Брисел од 2003 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.