Во услови кога целата јавност, меѓународните организации и експертската јавност очекуваа ослободување на новинарот Томислав Кежаровски и се укажуваше на злоупотреба на мерката притвор, која петпати му беше продолжувана, изрекувањето на четири и пол годишна затворска казна за Кежаровски е скандалозна – реагира пратеничката во СДСМ, Весна Бендевска по денешната пресуда за случајот „Ликвидација“, во која новинарот Томислав Кежаровски доби казна затвор од четири и пол години.
Според неа, ова е уште една потврда зошто оценките за Македонија од најрелевантните меѓународни организации говорат за применување на „селективна правда“, за влошување на слободата на медиумите и човековите права.
– Загрижувачка е леснотијата со која се изрекуваат вакви пресуди кои ги рушат основните човекови права и слободи, кои креираат нови човечки трагедии, а на семејството на Кежаровски му нанесуваат дополнителна животна драма. Оваа пресуда има сериозна последица врз слободата на изразување и испраќа јасна порака за цензура насочена кон останатите новинари и медиумски работници. Дополнително, се продлабочуваат сомнежите дали можеби на Томислав Кежаровски му е изречена казна за некое друго дело, кое не е поврзано со процесот „Ликвидација“? За дискутабилноста на оваа пресуда, но и на целокупната постапка во судскиот процес „Ликвидација“ јасно говори и денешната реакција на Дуња Мијатвоиќ, специјалниот претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите во Македонија, која вели дека е згрозена од денешната пресуда на македонските судови – вели Бендевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.