
Вкупно 5.491 кандидат на возраст до 25 години, од кои 820 жени, или по повеќе од 13 кандидати за секое предвидено место се пријавија на конкурстот за прием на 400 нови полициски службеници, распишан пред десетина дена.
Од нив 3.701 или 67,5 отсто се Македонци, 1.280, односно 23,3 отсто се Албанци, а останатите припаѓаат на помалите етнички групи. Кај жените 87 отсто се Македонки, 4,5 отсто се Албанки, по што следат Србинките со 2,5 и Ромките со 1,8 отсто.
Најголем интерес за конкурсот имало во Скопје каде се пријавени 1.484 лица или 27 отсто, по што следат Битола со 870, Куманово со 701, Тетово со 641 и Штип со 580 лица.
– Може да констатираме дека се повтори огромниот интерес за вработување во полицијата и се потврдија истражувањата на ОБСЕ и меѓународните организации во кои изминативе години се регистрира континуиран раст на угледот на полицијата меѓу граѓаните. Веруваме дека од вака висока бројка може да направиме извонредна селекција со која и граѓаните и ние може да бидеме сигурни дека ќе добиеме исклучително квалитетни, подготвени и професионални полициски службеници, рече министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешната прес-конференција.
Таа посочи дека Комисијата која што ќе ја реализира селекцијата веќе е формирана и наскоро кандидатите ќе бидат информирани за агендата на полагањето на физичките, општообразовните и психолошките тестови.
– Најпрво ќе следи проверка на моторички способности, а како и при претходниот прием на полициски службеници, предуслов за натамошно продолжување со селекцијата ќе биде исполнувањето на минимумот моторички способности. По завршување на физичкиот дел, ќе следува писмено тестирање кое опфаќа општообразовен тест и психолошки тест, по што ќе се спроведува поединечно интервјуирање, односно разговор со секој кандидат за полицаец, кој ги поминал претходните фази. Последна фаза во селекцијата ќе бидат здравствените прегледи, рече Јанкулоска.
Најдобрите 440 кандидати кои ќе ги поминат сите фази од селекцијата ќе ја отпочнат едногодишната обука, по која со најдобрите 400 ќе бидат склучени договори за вработување.
– Нема да се фаворизира никој без разлика дали е припадник на етничка заедница. Главен критериум ќе биде исполнувањето на бараните предуслови. Само оние што ќе ги поминат сите фази при еднакви услови ќе добијат предност според принципот на првична застапеност, информира Јанкулоска, одговарајќи на новинарско прашање.
Прецизира дека, согласно позитивните законски принципи, 30 отсто од слободните места на конкурсот се предвидени за жени и додаде дека нивните места нема да се пополнат со мажи доколку нема доволен број на кандидатки кои ги поминале сите фази.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
МВР потврди: Лице од битолско виновен за оштетените камења на македонско-грчката граница
-
МВР: Добивме потврда од унгарското министерство дека Никола Груевски е во Унгарија и дека побарал азил
-
Кривична пријава за загрозување на сигурноста и ширење ксенофобичен материјал на социјални мрежи
-
МВР не знае колку малолетници се исчезнати во државата: Каква статистика води полицијата за исчезнатите лица?


