
Доц. д-р Драган Тевдовски, член на ИО на СДСМ, изјави денес дека започнатото претставување на програмата на СДСМ кај владата предизвикува очигледен паничен страв.
– Сведоци сме дека, во последните неколку денови, владата три пати повеќе зборува против мерките предложени од страна на СДСМ, отколку што зборува за Извештајот на ЕК, кој и без тоа е полн со критики. Едновремено, владата избегнува дебати, па се крие зад „монолози“ на највисоки владини функционери давани на одделни медиуми, или зад јасно навредувачки партиски соопштенија и прес конференции. При тие настапи, владата делува преку брзоплето направени искривувања на предлозите на СДСМ, кои нејзините претставници упорно ги повторуваат, со цел да се искористи максимата: многупати повторената невистина станува вистина. Но, ефектот е сосема спротивен – граѓаните согледуваат понуда од СДСМ, ја дебатираат и оценуваат и ја прифаќаат – вели Тевдовски.
Тој уште еднаш накратко посочи на некои делови од понудата на СДСМ:
- Предлогот за враќање на 15% од ДДВ ќе значи пораст на куповната моќ на граѓаните, ќе ја намали даночната евазија и ќе донесе редица други позитивни ефекти врз стандардот на граѓаните. А навистина е многу срамно и без преседан тоа што, во напорот да биде оцрнет овој предлог на СДСМ, вицепремиерот „ги наведува и подучува“’ бизнисмените како би можеле да прават криење на прометот и данокот! Или пак, се работи за тоа дека така власта си ги открива своите скриени начини на работење?
- Предлогот за воведување на праведен данок на доход (стапки од 9% и 18%) ќе значи помало оданочување на сиромашните граѓани и средната класа, а поголемо на богатите граѓани. Бидејќи, спротивно на тврдењата на претставниците на власта, сосема е јасно дека постојните ослободувања кај оданочувањето на платите на вработените ќе останат, па пониските стапки ќе значат помали даноци;
- Предлогот за изземање на приходот од земјоделска дејност од основицата кај данокот од доход, меѓу останатото, ќе значи и намалување на влезните трошоци за земјоделската дејност. Во таа смисла, навистина смешно звучи тврдењето на власта дека, за „вистинските земјоделци“ е добро да плаќаат данок, бидејќи така ќе се одвоеле од оние на кои земјоделието им е споредна дејност!
- Можноста за донирање средства и ослободување до 30% од данокот на добивка кај претпријатијата е модел кој е испробан и многу успешно применет во повеќе држави. А тоа што власта го толкува како можност за „перење пари“, всушност повторно може да значи откривање на нивниот начин на размислување.
- Воведувањето на праведен данок на имот исто така е сосема во согласност со идејата за враќање на средната класа во Македонија; Тие што имаат повеќе, треба и да платат повеќе.
Тевдоски потенцира дека СДСМ ќе продолжи со изградување на својата програма и со објавување на својата понуда.
– Во таа смисла, исто така сакам да Ве информирам дека денес во СДСМ се одржува дебата, на која се дискутира зошто е загрозена иднината на македонските граѓани, но и се анализираат многу начини и решенија како таа иднина може да се обезбеди – додаде тој.
Некои од нив се:
- Нови приоритети во развојот на економијата да бидат малите и средните претпријатија, долгорочните инвестиции и растот на платите. Овие три приоритети се во потполна спротивност на досегашните приоритети на развојот на економијата: странски директни инвестиции, краткорочна ориентираност на јавните инвестиции и ниска цена на трудот.
- Мерки за зголемување на транспарентноста на јавните трошења, како на пример: воведување на обврска за објавување на точниот број на вработените во јавниот сектор; обврска за објавување на списоците на корисниците социјална помош и субвенции; воведување на јавно достапна интегрирана интернет апликација на сите буџетски корисници, и воведување на систем на единствен дигитален потпис за секој граѓанин.
- Прaведност во плаќањето на клучните јавни услуги. На пример, месечниот надомест за одење на дете во градинка за семејство кое што има месечен приход од 120 илјади денари, не може да биде ист со оној на семејство чии што месечен приход од 22 илјади денари. За второто семејство треба да се овозможи големо ослободување од плаќањето на месечната рата за детето во градинка.
Заклучоците од оваа работилница ќе бидат доставени до органите на партијата на разгледување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


