СДСМ денеска „јавно поднесе усна кривична пријава до Јавното обвинителство на РМ за гонење на организиран криминал и корупција против министерот за култура на Република Македонија – Елизабета Канчевска Милеска“. Се работи за проектот Скопје 2014
-За основано сомневање за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, став 5 од Кривичниот закон, за нанесена штета на Буџетот на РМ во вредност од над 3,5 милјарди денари или повеќе од 58 милиони евра. Имено, се сомневаме дека спротивно на членовите 3, 4, 5 и член 8 од Законот за меморијални споменици и спомен обележја (ЗМССО) министерката учествувала, поттикнала и ја злоупотребила својата функција на начин што во име на Министерството доставиле 13 иницијативи до општина Центар за подигање на 22 спомен-обележја, иако од содржината на истите и описот на ликовите даден во иницијативите произлегува дека се работи за изградба на меморијални споменици, за кои општината не е надлежна туку Собранието на РМ и тоа свесно знаејки дека за секој споменик поединечно Собранието мора да донесе одлука и тоа со Бадентерово мнозинство. На таков начин пријавената-Министер за култура на РМ-Елизабета Канчевска Милеска, се сомневаме дека свесно и со умисла сторила кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст. 5 од Кривичниот закон, нанесувајки штета на буџетот на РМ во вкупен износ од 3.551.068.000 денари или 58.023.986 евра – изјави Оливер Спасеновски од СДСМ
Тој нагласи дека имале докази дека Министерството за култура ги доставило иницијативите за подигање на спомен облежја број 33-9992/1 од 30.10.2007; 41-3060/1 од 04.03.2008; 41-6114/1 од 16.06.2008 година и уште десет такви иницијативи до општина Центар, за отпочнување на постапки за изградба на наводни “спомен обележја” како и исплаќање на повеќе од 58 милиони евра.
-Во сите свои иницијативи Министерството за култура посочува дека станува збор за, цитирам “…истакнати историски личности од историјата на Република Македонија кои се од исклучително значење за развојот на државноста и за државно – правниот континуитет и се вградени во историскиот развој на Република Македонија“. Описот на ликовите даден во иницијативите се совпаѓа во целост со законската дефиниција за меморијален споменик. Од увидот во списокот на поставени споменици нема сомневање дека сите ликови, кои се посочени во иницијативите од Министерството за култура, преставуваат маркантни личности, кои се од исклучително значење за развојот на државноста на Република Македонија. Спомениците на Гоце Делчев, Никола Карев, Даме Груев, Цар Самоил и Александар Македонски не се личности од локално значење – рече Спасеновски и побара итно постапување на МВР и Јавното Обвинителство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.