| четврток, 6 декември 2018 |

„Шутка сити ТВ“ во етер од Париз: Ром од Македонија ја отвори првата ромска телевизија во ЕУ

adriano dzeladin

Кога Андријано Џеладин слушна како коментатор на француско радио ја напаѓа ромската заедница, тој толку многу се налути што се јави во станицата за да се пожали, пишува Глоуб енд меил. На негово изненадување, тој беше пуштен во етерот и му беше дадена можност да ја изнесе својата фрустрација. Тој потоа даде храбра изјава.

– Му реков дека јас ќе го отворам првиот ромски ТВ-канал во Европа и ќе им покажам какви сме ние навистина на сите што не се Роми – се присетува Џеладин, Ром кој во 2000 година имигрирал од Македонија во Париз.

Беа потребни две години планирање, штедење и кажување на сопругата да заборави на куќата што сакале да ја купат, и Џеладин конечно минатата година ја пушти во етер „Шутка сити ТВ“. Оваа прва ТВ-станица на ромски јазик во ЕУ е отворена во време кога Ромите низ Европа се соочуваат со зголемена дискриминација, протерување и малтретирања од полицијата.

Премногу често, вели Џеладин, медиумите во Франција и на други места ги прикажуваат Ромите како бездомни отпадници кои крадат за да преживеат.

– Ова не е вистинската слика за Ромите. Вистинската слика е таа дека ние се интегрираме во секоја земја. Нашите деца одат на училиште и ние работиме исто како и Французите – вели тој додавајќи „ние не доаѓаме од Марс или Јупитер, ние сме од Земјата“.

Ромите долго време се меѓу најпогрешно сфатените и обесправени етнички групи во Европа. Тие пристигнале на континентот од Индија пред повеќе од 700 години и денес се проценува дека нивната бројка во Европа изнесува 12 милиони, што ги прави да бидат најголемото етничко малцинство на континентот. Но, тие, исто така, се и разновидна група, со различни религии и традиции. Некои, познати како цигани, се номади; други како Џеладин и неговото семејство имаат свои корени во заедницата.

Отсекогаш имало тензии меѓу Ромите и другите, каде што Ромите вообичаено се обвинувани дека се крадци и просјаци. Сега, додека Европа се мачи да се извлече од рецесијата и антиемиграциско чувство се создава во многу земји, тие тензии ретко се поголеми.

Минатиот месец францускиот министер за внатрешни работи Мануел Валс предложи Ромите да бидат „вратени дома“ бидејќи не успеале да се интегрираат.

– Ние немаме обврска да ја примиме оваа популација – изјави Валс, чии коментари наидоа на голема поддршка.

Според „Амнести интернешнел“, социјалистичката влада на Франција ги истерува Ромите од камповите низ земјата на рекордно ниво, досега иселувајќи повеќе од 10.000 лица – повеќето од нив нема каде да одат.

Сѐ поголемиот антагонизам кон Ромите не е ограничен само на Франција. Во Шведска полицијата неодамна призна дека водела тајни досиеја за 4.000 Роми, што е непочитување на законите за безбедност, кои забрануваат „гонење“ на лица поради нивната етничка припадност. Неколку членки на ЕУ, вклучувајќи ги Британија, Германија и Холандија, исто така, притискаат за построги рестрикции за пристапот на емигрантите до социјална помош во услови на стравувања дека овие земји ќе бидат преплавени од Роми откако во јануари ќе бидат укинати ЕУ-ограничувањата за емиграција од Бугарија и од Романија, татковини на големо ромско население.

Дополнувајќи го проблемот во Франција, Џеладин вели дека повеќето Роми, плашејќи се од силни реакции, ја кријат нивната етничка припадност. „Ние треба да сме горди што сме Роми“, вели тој. „Ако одам по улица и среќавам луѓе, и ако тие ме прашаат од каде сум – во ред, јас сум од Македонија, но јас сум Ром. Јас сум прво Ром… и сакам сите Роми да бидат горди“.

Не беше лесно да се пренесе оваа порака во етерот. „Шутка сити“, именуван по македонската населба во која пораснал, е едноставна операција. Во неа нема платен персонал, нема реклами и програмите се емитуваат од импровизирано студио направено во дневната соба од малиот апартман што Џеладин го изнајмува во париско предградие за да му служи како централа за станицата. И тоа во голема мера е семејна работа.

Џеладин (32), кој работел во радио во Македонија и е вработен во хотелскиот сектор во Франција, е домаќин на двочасовна директна програма; неговиот 14-годишен син води викенд-програми за деца, а неговиот вујко нуди неделни часови за историјата и културата на Ромите. Неговата сопруга Анифа не само што мораше да се откаже од нејзиниот сон да има дом, туку кога се породи со третото дете на денот кога почна со работа ТВ-каналот, Џеладин остана на работа.

– Имав избор да одам во болница со жена ми или да го стартувам каналот. Ѝ кажав на сопругата „во ред, ти имаш свое бебе, јас си имам свое“. Ние сѐ уште сме заедно. Ние сме среќни – изјави тој.

По само една година од работа, „Шутка сити“ привлече околу 40.000 претплатници низ неколку француски кабелски мрежи, и е достапен во Канада, САД, Нов Зеланд и Австралија од сателитски провајдери. Џеладин се надева дека ќе почне со подготовка на кратки дневни вести и сака да почне со преводи на француски и англиски јазик за да го направи каналот попристапен и за оние што не се Роми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top