| четврток, 6 декември 2018 |

Смешни, трагични, нормални изгубени Германци

–  Преставата е за група изгубени Германци и други, во напуштен рудник во Македонија, 1944 год. Групата се состои, освен од изгубени и заглавени, склонети, смешни, тажни, трагични, нормални ликови, дезориентирани во ненормалниот историски контекст на времето, како во некој санаториум – вели Дејан Дуковски, авторот текстот на новата театарска претстава „Изгубени Германци“, режирана од Слободан Унковски.

За соработката со професорот Унковски, Дуковски за „Република“ изјави:

-Чест ми е што Унко и цела актерска екипа навистина посвети огромен напор и креативна енергија да дојдеме според мене до еден навистина автентичен театарски резултат. Мислам дека текстот доби на комплексност. Со добар хумор.

„Изгубени Германци“ премиерно ќе биде изведена на 6 февруари на сцената на МНТ (Театар Центар), а предпремиерата е закажана за ден порано, 5 февруари. Поради преголемиот интерес, картите за првата реприза, на 9 февруари се пуштени во продажба.

Оваа претстава ќе ги врати на сцена Тони Михајловски, Јовица Михајловски и Ѕвездана Ангеловска. По долги години пауза, на дрвените даски повторно ќе застанат големите актерски имиња.  Покрај Јовица, Тони и Ѕвездана, на сцената на МНТ ќе застанат и Никола Ристановски, Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Оливер Митковски, Емил Рубен и Сања Арсоска. Оваа претстава беше најавена за крајот на јануари, но потоа беше симната од репертоар. Сега се очекува да пристигнат костимите, по што конечно театарската публика ќе има можност да ја види долгонајавуваната премиера во МНТ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top