| четврток, 6 декември 2018 |

Жерновски: „Шпанските скали“ нема да може да се изградат, ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски само блокира

Andrej-Zernovski-fokus

Дали шпанските скали, кои треба да се надоврзат на комерцијалниот објект што ќе се издигне меѓу „Пелистер“ и „Сити мол“ на плоштад „Македонија“, ја преминуваат градежната линија зацртана со Деталниот урбанистички план? Министерството за транспорт и врски пред два дена за 1,5 милион евра ѝ ја продаде парцелата на скопската фирма „Амадеус девелопмнет“ и на локацијата за шест години треба да се изгради трикатен објект во барокен стил со приземје и со поголем број скали.

Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, вели дека инвеститорот ќе се соочи со проблеми при набавување на дозволата за градење од Општината.

– Скалите се надвор од градежната линија и инвеститорот треба да знае дека не може да добие дозвола од Општина Центар. Тоа значи дека скалите се надвор од маркицата – рече Жерновски и додаде дека изградбата на објектот во целост ќе биде спречена доколку Советот ги повлече четирите ДУП-ови, чие поништување со месеци се одложува по насилните демонстрации околу општинската барака.

Жерновски смета дека зад апсењето на претседавачот Мирослав Шиповиќ стои намерата да се спречи Општината да интервенира во овие четири ДУП-ови.

– Наредната недела требаше да бидат поставени оние четири урбанистички плана од седницата која беше прекината. Тие требаше да бидат поништени и да се спречат шпанските скали. Која е вистинската причина не знам, но го чекаме Шиповиќ да ја продолжиме битката – додаде тој.

Според него, успеале да ги спасат ЕВН и ГТЦ.

– Објектот на ГТЦ е изграден по конкурс на југословенско ниво како првонаграден проект, добитник е на националната награда „11 Октомври“ и добитник на највисоко југословенско архитектонско признание. Зградата на ЕВН е претставник на „Ѕид завеса“ – правец во архитектурата – рече Жерновски.

 На прес-конференцијата на Жерновски реагираше ВМРО-ДПМНЕ. Велат Андреј Жерновски не излегол на прес-конфренција да каже што направил или изградил во интерес на граѓаните, туку излегол за да каже што сака да блокира.

– Ова веќе станува традиција за Андреј Жерновски. Тој, наместо да создава, постојано само блокира и работи против интересите на Општина Центар и нејзините граѓани. Андреј Жерновски исклучиво ја користи својата позиција за да ја злоупотребува Општина Центар за политичка пресметка со ВМРО-ДПМНЕ и Владата. Очигледно дека личната кариера ја става пред интересите на граѓаните. Андреј Жерновски мора да знае дека блокирањето на градба истовремено значи и помалку пари во општинската каса. Огромен дел од средствата од продажбата на земјиштето и од комуналии, што во случајот со Општина Центар воопшто не се мали пари. Следниот пат кога ќе излезе и ќе се жали дека Општина Центар нема пари за градинка или училишта и патишта, граѓаните ќе знаат дека тоа е поради неработењето и блокирањето кое го прави Андреј Жерновски – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top