| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се симулира кобниот лет на „кингерот“

Уште еден „кингер“ ќе летне по кобната маршрута кон Мостар, каде што пред девет години загина претседателот Борис Трајковски и осумчлената државна делегација. Сè уште не е договорено кога ќе биде изведен симулацискиот лет, а сега се проверуваат метеоролошките услови во наредните две недели за да се донесе одлука кога ќе биде изведен тој лет објави Канал 5.

Од Комисијата што ја спроведува втората новоотворена истрага за смртта на Трајковски потврдија дека до српската компанија што единствена во регионот има ист модел на „кингер“ испратила понуда, а таа била прифатена.

 

kinger-boris-trajkovski

Симулацијата е најодолжуваниот дел од новата истрага, иако главниот истражител Омер Кулиќ се надеваше дека тој лет, кој ќе ја копира состојбата од пред девет години, ќе биде изведен во август, тоа не се случи досега. Метеоролошките услови кои се предвидени за наредните две недели се добри, па од Комисијата се надеваат дека симулацискиот лет ќе биде изведен до 25 октомври.

Изнајмувањето, кое е на товар на македонската држава, чини помалку од 5.000 евра, а покрај летот во цената е вклучена и калибража на процедурата за да се утврди дали во февруари 2004 година имало грешки и пропусти. Калибражата е поскапиот дел од изнајмувањето и проверката и чини меѓу 12.000 и 20.000 евра, тврдат од Комисијата за „Канал 5“. Но поради солидарноста на балканските авијации и во интерес на истрагата за смртта на Трајковски, српската фирма – сопственик на „кингерот“, ја намалила цената.

Комисијата, која има пет тима составена од по три експерти секојдневно ги анализира досега собраните податоци во новата истрага. Вториот заеднички состанок, најверојатно, ќе биде по симулацискиот лет и ќе се одржи во Мостар и во Чапљина, градови во Босна и Херцеговина.

Омер Кулиќ по првиот состанок со Комисијата во Скопје минатиот месец изјави дека се најдени податоци, кои битно се разликуваат од првиот извештај, кој падот на „кингерот“ во февруари 2004 година го прогласи за несреќа предизвикана поради пилотска грешка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top