| четврток, 6 декември 2018 |

Средношколци ја симулираа работата на европските парламентарци

Во периодот од 18 до 20 октомври, во организација на Меѓународното училиште „НОВА“, а со поддршка на ЕУ Инфоцентарот, Секретаријатот за европски прашања на Владата на Република Македонија и Град Скопје беше организирана национална симулација на Eвропскиот парламент.

На настанот учествуваа осумдесет ученици и дваесет професори од дваесет и едно средно училиште од Република Македонија. Сите овие ученици се дел од МЕП (модел Европски парламент) клубовите во нивните училишта, каде што учат за функционирањето на Европската унија и нејзините институции. МЕП клубовите функционираат како дел од дополнителната настава во секое од овие училишта.

Учениците што учествуваа на оваа симулација доаѓаат од средните училишта од: Скопје, Гевгелија, Прилеп, Струмица, Велес, Куманово, Штип, Тетово, Битола, Струга, Охрид и Крушево.

На последниот ден од МЕП симулацијата се одржа Генерално собрание на Европскиот парламент во просториите на Собранието на Град Скопје.

На финалниот настан говор оддржаа заменик-премиерот за евроинтеграции, г. Фатмир Бесими, како и директорот на  гимназијата „НОВА“, г. Виктор Новаковски.

Најдобрите 5 ученици од оваа делегација ќе имаат можност да ја претставуваат Република Македонија на Меѓународната симулација на Европскиот парламент во Литванија овој декември. Воедно учениците ќе имаат можност да стекнат едно уникатно искуство со тоа што ќе поминат еден работен ден придружувајќи го заменик-премиерот за европски прашања, г. Бесими.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top