Халид Бешлиќ ќе прави концерт во Каунас ако фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина вечерва успее да ја победи Литванија, што ќе биде гаранција за историско учество на Светско првенство. Целта на „змаевите“ е позната и само победа против Литванија им носи пласман на мундијалот во Бразил во 2014 година.
Босанците имаат рецепт за успешен настап и на интересен начин го презентираат тоа. Велат дека Халид ќе пее во Каунас, Џеко ќе тресе мрежи, а БиХ ќе патува за Бразил.
И минимален триумф е гаранција за настап на првото големо фудбалско натпреварување откако БиХ е самостојна држава. Грција има ист број бодови (22) во групата Г, но е послаба во меѓусебниот биланс со еден пораз и реми против Босанците.
БиХ ја тресе фудбалска грозница и се очекува во Каунас, Џеко, Ибишевиќ, Мисимовиќ, Пјаниќ и останатите репрезентативци да ги бодрат над 10 илјади симпатизери кои веќе допатуваа во Литванија. Домаќините немаат резултатски императив бидејќи не се во трката за пат во Бразил. Грција ќе чека кикс на БиХ и со победа против аутсајдерот Лихтенштајн да го преземе врвот и директно да се пласира на Мундијалот. Во спротивно, тие ќе бидат една од осумтте селекции што ќе играат во бараж-мечевите од кои четири победници ќе си обезбедат пат на СП.
Европа има 13 места, а досега сигурни се Холандија, Германија, Италија, Швајцарија и Белгија од нашата група.
Пол-позиција пред вечерашните последни натпревари од квалификацискиот циклус имаат Шпанија, Англија и Русија. Актуелните европски и светски шампиони Шпанците треба само да ремизираат со Грузија во Албасете за да го потврдат учеството. Франција игра со Финска во Париз, а речиси сигурно ќе мора да доигруваат за пат во Бразил.
Англија има сѐ во свои раце и со победа на „Вембли“ против Полска е сигурен патник на СП, што би ја испратило Украина во баражот.
На Русија ѝ е доволно и реми во Баку против Азербејџан за да си го визира пасошот за Бразил, а Португалија ќе игра уште два дуели во ноември за да настапи на планетарниот фудбалски самит во Бразил.
Голема битка има и за место во доигрувањето. Од деветте второпласирани селекции, испаѓа најслабата, а како што стојат работите, тоа ќе биде една од селекциите во групата Б, каде што конкурентите за втората позиција се Бугарија, Данска, Чешка и Ерменија.
Голема битка се води во групата Д меѓу Турција и Романија. Турците и се домаќини на непоразената Холандија и мора да победат за сигурно учество во баражите. Романија има ист број бода, 16, и со победа против Естонија и успех на Холандија ќе ја прескокнат Турција.
Големо славје се подготвува и на далечниот север од Европа, а Исланд е на нозе. Тие им гостуваат на Норвежаните и со победа ќе настапат во доигрувањето. Норвешка е испадната, но Словенија, која има еден бод помалку од Исланд, се надева на чесна игра од Норвежаните. Ако Исланд не победи, Словенците со триумф во Швајцарија ќе играат бараж-натпревари.
Вечерва и Македонија се простува од квалификацискиот циклус и повторно бевме далеку од пат на големо натпреварување. Против Србија од 20.30 часот во Јагодина ни треба победа за да го избегнеме последното место во групата А.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Косово е противник на Македонија во полуфиналето во Лигата на нации
-
Семејството скршено од тага пристигна на стадионот- сопругата на Вичај од овој детаљ ќе се струполеше на земја
-
Десната рака на газдата, убавица од Тајланд и пилотите… кои беа жртвите од несреќата на „Кинг Пауер“?(Видео)
-
Мигрантите го пробија кордонот во БиХ и се упатија кон хрватската граница (видео)