Дали Социјалдемократскиот сојуз на Македонија сака предвремени избори или бара изговори по секоја цена да избегне ново изборно соочување. Дел од македонските експерти сметаат дека СДСМ на секој можен начин измислува изговори и бара алиби за да не учествува на избори, бидејќи во опозициските редови постои страв од соочување со владејачката ВМРО-ДПМНЕ. тие тргнуваат од фактот дека лидерот на најголемата опозициона партија, Зоран Заев, најави повлекување на опозицијата од работното тело на Комисијата за настаните од 24-ти декември.
Според политикологот Владимир Божиновски, апсењата за стопански криминал кои се случија немаат никаква причина и повод да послужат како некаков политички аргумент за повлекување од процеси кои што се од големо значење за политичките партии и државата.
-Во овој случај сметам дека апсолутно со ништо не е испровоцирана опозицијата од страна на власта за одлуката која сака да ја донесе и затоа сметам дека не би требало да има никакви консеквеции по однос на ова. Многу е важен моментот на избори во оваа ситуација. очигледно дека опозицијата не е подготвена за избори, вели Божиновски за Курир.
Според професорката Татјана Каракамишева, кај СДСМ постои страв од соочување со владејачката ВМРО-ДПМЕ. Тоа, како што вели, го покажуваат на терен, а последниот пример е најавата за блокада на работната група за имеплементирање на препораките од Извештајот за 24 декември.
-Факт е дека и СДСМ се подготвува за избори, меѓутоа мислам дека тие не сакаат предвремени избори со оглед на фактот дека го знаат својот рејтинг, вели Каракамишева.
Според нив неодговорноста на СДСМ и прави штета на државата и може негативно да влијае на евроинтегративниот процес.
-И Заев и пратениците се согласија и го потпиша меморандумот за непречено одвивање на евроинтегративниот процес. Тоа значи дека го ставиле сопствениот кредибилитет на хартија. Оваа закана од Заев мислам дека нема да се реализира во пракса. Се надевам дека ќе се надминат себе си и ваквите судски процеси нема да бидат искористени за тесно партиски интереси, смета професоката Каракамишева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.