– За еден месец повеќе од 10.000 невработени лица веќе се пререгистрирале во Агенцијата за вработување според новите законски одредби, од кои околу 4.800 се изјасниле дека не бараат активно работа- изјави Спиро Ристовски, министер за труд и социјална политика, пишува „Дневник“.
Процесот на пререгистрација, рече министерот Ристовски, се одвива добро и покрај сомнежите и обидите, пред се`, на некои политички партии од опозицијата да ги демотивираат граѓаните тврдејќи дека Владата сака да ги избрише невработените. Според него, со пререгистрацијата никому нема да му биде одземено ниту едно право, туку таа има цел да евидентира колку граѓани навистина активно бараат работа.
– Би сакал да ги мотивирам граѓаните да продолжат со своето евидентирање во Агенцијата соодветно на своето убедување дали сакаат активно да бараат работа. Едноставно ќе се почитува волјата на граѓаните и без разлика дали активно бараат работа или сакаат да бидат евидентирани само за да користат одредени социјални права. Ние ќе го почитуваме тоа во целост и на активните и на пасивните ќе им ги гарантираме сите права гарантирани со устав и закони – рече Ристовски.
За да се направи процесот на пререгистрација неодамна беа донесени законски измени, а таа почна пред околу еден месец.
На конференцијата за развој на социјалното претпремаштво во Македонија, која почна вчера, во Скопје се разговараше за тоа како да им се овозможи поголем пристап на маргинализираните и ранливите групи до вработување, но и како треба да изгледа законската и фискална рамка, која треба да го овозможи тоа.
– Станува збор за искористување бизнис-модел на претпријатија што остваруваат профит, но не го делат како другите компании за добивка на сопствениците, туку го користат за социјални цели. Тие можат да се користат за вработување на маргинализираните групи, како на пример жртви на семејно насилство, поранешни корисници на дрога и алкохол, кои работодавачите не сакаат да ги вработуваат – рече Зоран Стојковски, извршен директор на ЦИРА, во чија организација се одржува конференцијата.
Тој појасни дека во Македонија веќе функционираат вакви организации, посочувајќи ја притоа „Избор“ во Струмица, која преку тераписката заедница „Покров“ работно ги ангажира лицата што се лекуваат од зависност од дрога.
– Дел од нивната терапија е да работат. Произведуваат земјоделски производи. Тоа што го продаваат на пазарот им овозможува функционирање на таа заедница за лекување на овие лица – рече Стојковски.
Тој смета дека со донесувањето на регулативата ќе се регулира и дополнително ќе се мотивира развојот на социјалното претприемаштво и потенцира дека во Македонија тоа може да се поврзе со непрофитни организации, фондации и здруженија кои можат да имаат економски активности, но она што го добиваат да не биде профит, туку средства наменети за програми со социјална цел.
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски потенцира дека социјалното претприемаштво е комбинација на силна социјална мисија и претприемачки дух, како и баланс на социјални и економски цели.
– Kрајна цел е намалување на генералниот број невработени лица преку интензивирање на овие можности. Владата како креатор на политиките за вработување ќе даде конкретни идеи и насоки за намалување на вкупниот број невработени – рече Ристовски.
Во Велика Британија има 65.000 социјални претпријатија
Во Велика Британија има околу 65 илјади социјални претпријатија, кои вработуваат околу 750 илјади лица, истакна Kристофер Ивон, амбасадор на Обединетото кралство во Македонија.
– Има многу начини на кои може да почнат со работа вакви претпријатија, но, пред с`, најважно е да се произлезе со креативна идеја со која ќе се подобри статусот во заедницата. Заедно со тоа треба да се биде посветен на идејата дека целиот профит што ќе се создаде треба да се врати – рече Ивон.
Развојот на социјално претприемаштво е во согласност со ЕУ-агендата на Република Македонија и е во корелација со остварувањето на стратегијата 20120 и Актот за единствен пазар на ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.