Европската унија е на пат да и постави услов на прием на Република Македонија идентичен со оној на НАТО од Самитот во Букурешт што ќе значи почеток на пристапните преговори само со решен спор за името со Грција, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Според МИА, во претстојниот извештај на Европската комисија за Македонија, освен петта по ред позитивна препорака за почеток на преговорите за членство, неформалната влада на Унијата ќе предочи дека без одлагање ќе мора да се реши спорот со нашиот јужен сосед, што значи дека Брисел оди по патот на Алијансата, чиј заклучок од Самитот во 2008 година дека Македонија ќе стане дел од НАТО откако ќе се договори за сопственото име со Грција, завчера во Атина го повтори и генералниот секретар Андерс фог Расмусен.
Инаку, како што претходно објави МИА позитивниот извештај за Република Македонија што еврокомесарот за проширување Штефан Филе ќе го објави в среда, покрај нова препорака за преговори, што значи дека земјата ги исполнува сите услови, уште еднаш само двапати ја содржи придавката “македонски”, а од нашата земја ќе се побара и воведување на медиумска култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.