| четврток, 6 декември 2018 |

Фестивалот на новиот германски филм донесува 61 проекција во 9 градови низ Македонија

Од 10 до 16 октомври по деветти пат Амбасадата на Германија во Македонија и Прокредит банка го организираат фестивалот на новиот германски филм. Под мотото „Ich liebe film“ љубителите на филмската уметност ќе можат да проследат 61 проекција на филмови од најразлични жанрови, кои ќе бидат прикажани во 9 града низ Македонија.

Фестивалот ќе го отвори филмот „Претежно ведро“ на 10 октомври во 20 часот во кино „Милениум“, додека останатите проекции ќе се прикажуваат во киното „Фросина“. Германската кинематографија отсликува реализам, но и можното и претпоставеното, отсликува длабочина, безкомпромисно соочување, зафаќање на многу слоеви, приближување до суштината. На платното како и во животот овие филмови нè потсетуваат дека не е сè розево, но и не е сè бесполезно, дека најдобро изживеан живот е оној свесниот, будниот, соочениот, бидејќи на крајот сепак секогаш доаѓа сметката.

– Со овој фестивал, сакаме да дадеме свој придонес во развивањето на кинокултурата и уште повеќе да го зајакнеме германско-македонското кинематографско пријателство. Се радувам на грижливо одбраните филмски парчиња и на разновидниот пресек на најновите продукции на германските кинематографи кои несебично ќе ги споделиме со верната публика – истакна Гудрун Штајнакер, амбасадор на СР Германија.

– Прокредит банка ги сака своите клиенти и љубителите на филмот – 9 години по ред овозможуваме ревија на филмови кои стимулираат развој на мислите: за потрагата по животната суштина, осознавање на реалноста, потрага по успехот во животот, смислата на постоењето. Препознавме културно доживување и нè радува сè поголемата заинтересираност за новиот германски филм кај македонските граѓани – додаде Билјана Северинова, директорка на маркетинг сектор во Прокредит банка.

Репертоарот на овој фестивал изобилува со избор за сите вкусови, од филмови за најмладите преку драми до документарни филмови во кои граѓаните на Скопје заедно со Велес, Куманово, Штип, Тетово, Прилеп, Битола, Струмица и Кавадарци ќе можат со задоволство да го проследат и доживеат деветтото издание.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top