САД веќе со години подготвува проект за создавање на голема Албанија, кој би можел да биде заокружен веќе годинава, пишува хрватскиот дневен лист Слободна Далмација.
Весникот потсетува дека југоистокот на Европа е најкраткиот транзитен пат меѓу Западот и со нафтата и со гасот богатото подрачје на средна Азија. Поради тоа, како што пишува весникот, регионот е дел од новата геополитичка игра“ и потсетува на изјавите „за потребата од обединување на сите албански територии“ што ги даваат албанските челници.
Цитирајќи го Кочо Данај дека „годинава, по мирен пат, би требало да биде формирана нова албанска држава“ и потсетувајќи на изјавата на албанскиот премиер Сали Бериша дека „обединувањето на сите албански територии е незапирливо“, весникот истакнува дека мислењата на експертите околу тоа се поделени.
– Американскиот проект за создавање на голема Албанија, со дипломатски и со војни средства, всушност и се реализира во последните неколку години. Постои историја на американскиот ангажман во регионот – пишува весникот.
Притоа, како битни фактори за реализирање на овој проект, се наведуваат бомбардирањето на Србија и создавањето на големата воена база на Косово, Охридскиот договор во Македонија и поддршката на осамостојувањето на Црна Гора и на Косово од Србија.
– Американската политика, со својот воено-дипломатски ангажман го подготви проектот голема Албанија – констатира за весникот, хрватскиот политиколог Јадранка Половиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


