Македонската актерка Јелена Жугиќ дваесет години е активна на театарската сцена. Таа ќе биде запаметена како првата директорка на Театар Комедија, со кој раководи од неговото формирање во октомври 2011 година. Во третата сезона од постоењето на театарот првпат се појавува како актер на репертоарот на овој театар. По премиерата на „Хамлет во пикантен сос“, разговаравме со Јелена Жугиќ за актерството, менаџирањето, политиката и за животот.
Имавте премиера на новата претстава во Театар Комедија, „Хамлет во пикантен сос“. Летово истата претстава ја видовме на „Охридско лето“, а многумина критичари имаа позитивни коментари за улогата што ја одигравте. Зошто го избравте ликот на кралицата за Ваш прв лик во матичниот театар?
Жугиќ: Има повеќе причини зошто почекав една и пол година за да играм со мојот ансамбл. Веројатно основниот мотив што ме држеше настрана беше тоа што сметав дека треба да му се даде шанса на она што е ново, тазе вработено, за да се пласира. Имаме многу малку актерки, сакав сите да ги пласираме, сите да ги видат, на секоја да ѝ се даде главна улога. Друга причина беше тоа што, реално, немаше некоја улога за која би дошол режисер и би ми рекол дека ова навистина треба јас да го одиграм. Добар кастинг значи 90 проценти завршена претстава. Не сакам да звучам нескромно, но професијата режија е измислена дури во 19 век, а професијата актер постои откако постои човекот. Со самото тоа што во ансамблот немаме повозрасна жена, јас сум, сепак, актерка во зрели години, некако беше логично да ја земам јас улогата и со задоволство соработував со младите актери од Театар Комедија. Не дека сум била одвоена од претставите, имав увид 24/7 во сѐ. Од избор на текст, контакт со режисер, кастинг, костимографија… Но, не бев инволвирана во најубавиот дел – пробите. Сега првпат одблиску го видов ансамблот и можам да кажам дека имам прекрасни деца, професионалци, кои иако се многу млади, многу брзо разбраа дека за една претстава да биде успешна, мора да работат тимски. Тоа го чувствува публиката. На скопската премиера поминавме одлично, како и на „Охридско лето“ иако сите беа скептични бидејќи сме нов театар.
Ова е, чинам, Ваша трета улога откако сте директорка на театарот – „Генетика на кучињата“, „Солунски патрдии“ и „Хамлет во пикантен сос“. Имате ли чувство дека ја запоставувате актерската професија во однос на менаџерската улога што Ви е дадена?
Жугиќ: Веќе 20 години сум на сцена, почнав како хонорарец во 1993 година, стартував кај професорот Унковски во „Животот е сон“. Не сакам да кажам дека љубовта кон театарот поминува. Напротив, театарот е зараза. Но, не е веќе да се одигра сѐ. Сум имала фаза во кариерата кога буквално режисерите те препознаваат и играш и кога треба и кога не треба. Но, тоа се фази што секој ги поминува. Сум имала и криза на сцена, кога играв трансвестит-адвокат во „Кандит во земјата на чудата“. На сцена сум, текстот си тече, но паралелно ми се случува една шизофренија и се прашувам што правам. Си велев што се глупирам, да земам нешто нормално да работам. Ова што ми се случува сега е некако логично. Навистина театарот почна од нула. Почнавме јас и правничката, за по две години да стигнеме до 21 вработен. Тоа е секојдневна битка, никој не ти го дава тоа на тацна. Министерството за култура треба да препознае квалитет, вицепремиерот и министерот за финансии, кој ги дава тие вработувања, треба да препознае квалитет. Од друга страна, овие три улоги што ги одиграв не се случајни. „Генетика на кучињата“ е можеби една од најзначајните претстави, по „Хамлет“, во последниве години. За таа епизодна улога добив и награда. Кастингот е најдоброто нешто што го има Драмски театар. И „Солунски патрдии“ не е случајност, тоа е римејк на претстава која е одиграна повеќе од 350 пати и ја добив улогата на Фатиме што ја играше Сабина Ајрула. И третата, прва во мојот матичен театар, ми е особено драга затоа што е работена по текст на авторот на претставата која ме проби на театарската сцена, „Умри машки“.

Која е најпродаваната претстава досега? На репертоарот на Театар Комедија има пет претстави за неполни две години. Сметате ли дека публиката веќе знае дека постоите како посебен театар?
Жугиќ: Не би можела да одговорам на ова прашање поради тоа што сме потстанари во Драмски театар, не сме имале повеќе од седум термини во текот на месецот. На секоја нова претстава за да тргне ѝ треба барем два-трипати да ја има на репертоар за да живее. Тоа пренесување од човек на човек е многу важно со Скопје. Сметам дека ниту една претстава не е онака долго играна, освен, можеби, првата, „Ах, љубов моја“, која ја имало на репертоар 33 пати. Кога ќе имаме своја зграда, ќе можеме да кажеме која е претставата што најмногу се продава. Не е успех на наполниш шест термина, успех е да наполниш 26 термини. А, мислам дека нѐ дознаа како посебен театар, пред сѐ благодарение на Драмски театар, кој си има своја постојана публика. Комедијата е попродаван жанр и публиката кога ќе види комедија на репертоар, не се враќа, купува билет и оди на претстава. Се трудиме да сме активни на веб-сајтот, на „Фејсбук“, да нѐ има во медиумите, потпишавме договор со МТВ да ни ги снимаат претставите. Но, прашање на време е кога ќе добиеме своја зграда. Тогаш публиката ќе нѐ запознае. Онака најлуто ќе ставам еден знак што ќе свети, ќе привлече внимание и ќе информира дека ова е Театар Комедија. Овде Драмски има приоритет. Тешко е две институции на едно место. Веќе сме во мисла да ги активираме неделите како термини за претстави.
Со колку актери почнавте, а колку имате денес?
Жугиќ: Почнавме со четири трансфери, двајца од велешки театар, еден од турска драма и еден од Струмица. Добив уште шест работни места, од кои четири ги искористив за актери, инспициент и правник, потоа уште четири за актери и четири вработувања за технички персонал, имавме мајстор на тон како хонорарец, мајстор на светло, сценски работник и технички раководител. Од пет претстави за четири сами си ја изведуваме сценографијата. Технички раководител е Милан, човек кој има завршено Машински факултет, знае што е заварување, што е 3Д мапинг… Имаме сликар-изведувач, како и уметнички раководител, Андреј Цветановски. Сега засега сме 21 вработен, 12 актери, јас сум тринаесеттиот. Тоа не е доволно за да можеме да функционираме во своја зграда. Мислам дека, како и досега, Министерството ќе има слух и ќе го вработи оној кадар што сега го обучувам како администрација. Имаме и задолжен за маркетинг, кој е хонорарец. Сергеј постојано напорно работи и можам да најавам дека овој театар ќе направи еден маркетиншки бум. Трансфер може да се направи, но не секоја алка од синџирот што се нарекува театар може да биде трансфер. Суфлер и реквизитер се луѓе што се обучуваат, поминуваат време со човек кој тоа веќе го знае. Сега сме малку луѓе и одлично работиме како тим. Ова го викаме рудник. Влегуваме наутро излегуваме доцна навечер.

Главно работите со млади актери. Како се справувате со млади актери, кои ги внесувате во театарскиот свет?
Жугиќ: Не случајно, во сите претстави, освен во последната, во која играм јас, имам гостин. Во „Лет над кандидатското гнездо“ игра Драган Спасов-Дац, кој ги повлече, ги координираше, имаше од кого да учат. Гостуваа Марија Кондовска од Драмски театар, Александар Микиќ од МНТ, сегашниот в.д. директор на Драмски, Роберт Вељановски … Младите актери носат нешто што ние веќе го губиме. Имаат жар, љубов кон театарот, тие се неуморни. Но, повозрасните гости ги координираат, насочуваат. Млад актер можеби не знае дека е добро два часа пред претстава да се дојде во театар или да биде тишина низ ходниците пред претстава… Тоа го учат и гледаат од нас. Се прават грешки, човек кој работи и греши, но добро е што доволно е еднаш да кажам нешто за да го апсолвираат. Јас се поставив како колега, не како директор, знаат дека им мислам добро затоа што нивниот успех е нивен успех, а нивниот неуспех е и мој неуспех. Имаме актери кои веќе земаат награди. Тино Костадиновски ја зеде наградата за млад актер на „Војдан Чернодрински“. Се надевам дека со тек на време режисерите ќе ги препознаат и ќе се дистанцираат од комедијата преку гостувања во други театри зашто не е добро човек да е заглавен само во еден жанр.
Има ли место за политиката во театарот? Постојано има обвинувања дека претставите се избираат според политичките ставови на режисерите и на актерите.
Жугиќ: Апсолутно имаше период, го нарекувам мрачниот период во Македонија, кога ако не си дел од некоја партиска идеја, ти се симнуваат претставите од репертоар. Сега ако ги поставиме работите на власт и опозиција, би рекла дека тоа не е точно. Не би именувала, а секој што барем малку ја следи културата е свесен дека тоа не е така. Уметноста не трпи политика. За мене, ако секој во својот микросвет го дава најдоброто од себе, тогаш тој е патриот и си ја сака државата. Ако човекот размислува за сега и овде, а не како да излезе од овде, да отиде таму, да плука, за потоа да се врати и да каже дека тоа не важи, не е патриот.

Во едно интервју рековте дека Вие, директорите, сте трет ешалон? Тоа е став и на Вашите колеги-директори на театри или Ваш личен?
Жугиќ: Колку што знам прв ешалон се министри, втор се градоначалници, трет ешалон се директори, директори на национални институции поставени од владејачката партија. Чоревски беше поставен од ДА, Сенко Велинов од ВМРО-ДПМНЕ, Силвија Стојановска од СДСМ… Директорите многу одамна се поставуваат од партија. Поставени сме од партијата. А, дали секој е член, не знам, но мислам дека не.
Бевте дел од протестите за буџетот во 2012 година. Ве прашаа дали застанавте во одбрана на партијата или на актерите. Кој е одговорот на тоа прашање?
Жугиќ: Целата култура се крена на нозе, Филхармонија, Танец, МОБ… На тоа ќе одговорам со едно хахаха. Се радувам што многу брзо тие сфатија дека интересите на државата или на партијата, како што велеа, овојпат се интереси на уметниците. Жал ми е што тоа не го сфатија веднаш. Гарантирам дека веќе сите го сфатија тоа – во тој момент кога застанавме „да ги браниме ставовите на партијата“, всушност застанавме да ги браниме ставовите на уметноста. Некому му беше тешко да сфати дека за промена во Македонија има една владејачка структура која се грижи за културата – нови работни места, нов театар, повисоки плати. Сите тие што напаѓаа сега се дел од проектите во новиот театар и ќе ги уживаат сите благодати што ги заслужува еден уметник во земјава.
Како ја оценувате улогата на медиумите во афирмација на театарската улога? Сметате ли дека медиумите се тие што знаат да издигнат, но и да уништат претстава?
Жугиќ: Искрено, до неодамна немаше медиум кој нас, уметниците, нѐ третираше поинаку од жолта штампа, озборување… Како актер влегов во еден бојкот со медиумите откако сфатив дека им е поважно тоа што сум се мажела, од тоа дека во истиот месец добив интернационална награда за најдобра женска улога во телевизиски филм. Сега работите малку се менуваат, а тоа веројатно произлегува од образовани новинари и медиуми со концепт, кои поинаку гледаат на културата. Се радувам на вашиот неделник, кој откако постои, јас како менаџер и актер сум доволно присутна во етерот и не ми се јавувате да ме прашате дали сум раскинала со момчето, туку за претстава, награда… Има медиуми што со скандалозна вест сакаат да се пробијат во етерот. Соработката со медиумите е многу важна, но не по секоја цена.
Од каде идејата да бидете актерка?
Жугиќ: Јас сум една од ретките во Драмски театар што не се поврзани со актер, никој во мојата фамилија нема никаква поврзаност со актерството. Завршив во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, информатичар-програмер, со одличен успех. Кога отидов на ФДУ да ги поднесам документите, ми рекоа – „електро е подолу“. Почетоците тргнаа од мојот класен раководител Стефан Сидоски, сега предава на ЕСРА, предмети поврзани со филмска уметност. Како млада, многу пишував поезија. Тој се занимаваше со кратки филмови. Во еден од нив игравме јас и Игор Ивановски-Изи, на сценарио направено на една моја песна. Но, во ниту еден момент ниту јас ниту моите најблиски не помисливме дека јас ќе продолжам со глума. Моите мислеа дека нема да ме примаат, немале врски… Но, влегов прва на список. Има еден важен момент – јас израснав покрај Драмски, а мојот брат учеше со ќерката на Милица Стојанова. Ние секогаш имавме привилегија да влегуваме од задниот дел и да ги гледаме сите претстави. Кога се запишав во средно, се преселив во Аеродром и не влегов во Драмски. Но, читањето многу ми значи и ден-денес слободното време го користам за читање книги. Завршив во класата на Љубиша Георгиевски. Кај него беше правило да немаме контакти со професионален театар до трета година. Меѓутоа, стартував кај Унковски во втора, бев статист кај Славенски, потоа во велешки театар како главен лик. Чекав три часа за да дојде време три минути да бидам на сцена во „Ревизор“ на Љубиша Георгиевски.

Можете ли да се сетите на првата претстава што сте ја одигравте – чувството, тремата, аплаузот на крај…
Жугиќ: И ден-денес чувството е исто, верувале или не. Еднаш ја прашав Милица Стојанова кога ќе помине ова, со нагони за повраќање, трема, тресење… Рече ако си вистински уметник, никогаш нема да помине. Има една сцена што секогаш ќе ја паметам, а тоа е дипломската претстава што ја работев во Драмски театар, со актери од театарот. Играв стара баба од 70 години, партнер ми беше покојниот Стево Спасовски. Имаше сцена во која јас ставам чај на двајцата и разговараме. Како ја подигнав шолјата така се тресеше, тишина, само се слуша како се тресе шолјата во моите раце. Стево само ме допре за ногата и ми рече да ја спушта шолјата. Имаш нова сцена, нема пиење чај, нема договорени паузи, што сме ги вежбале пет месеци. Во тие почетоци, советите од повозрасните колеги се повеќе од добродојдени.
Добитник сте на многу награди. Која е онаа што Ви е особено драга?
Жугиќ: Не верувам дека има актер на кој не му значат наградите. Имам повеќе награди, а најзначајна е неочекуваната – интернационалната награда „Златна маслина“ за филмска улога во нискобуџетниот „Време за плачење“. Тоа филмче што е гледливо и ден-денес, свежо е иако е снимено во 2002 година. МТВ го пратила филмот, но не отиде екипа зашто што никој не очекуваше дека ќе земеме награда меѓу 76 филма од пет континенти. И немало никој за да ја подигне наградата, па ја пратија по пошта.
Вашиот син Ахил има осум години. Колку тој покажува љубов кон театарот, кон уметноста?
Жугиќ: Да, в сабота навршува осум години. Тој има различни фази. Некаде до неговата четвртата година немаше претстава што не сме ја гледале во Театар за деца и младинци, мирно ги следеше и ги впиваше. Веројатно во моментот кога моето отсуство од дома го поврза со театарот, не сакаше да оди во театар. Сега ова лето првпат ја гледаше „Хамлет во пикантен сос“ и цело лето одеше по дома и ги изговараше зборовите на Хамлет. Сега-засега многу повеќе афинитет има кон спортот, сака да брани, имаме ракавици, сменивме многу топки. Сака да чита. Мое е да понудам, негово е да почувствува што сака. Може нема да ми се допадне ако сака да биде актер, но нема да го одвратам од тоа.
Го израснавте Ахил сама, а притоа не ја запоставивте кариерата.
Жугиќ: Пред сѐ имам голема поддршка од моите родители. Но, во обврските на Ахил сум вклучена и иако уморна излегувам од театар, кога ќе го видам неговото лице, добивам енергија за да ги завршиме сите домашни задачи. Моето дете учи во класична паралелка. Имам увид во сѐ што учи. Можеби страда мојата приватност, но сакам да бидам тука во овој период кога тој има потреба од тоа. Ретко се случува во текот на денот да не изиграме друштвена игра. Кога сум со него, звукот на телефонот ми е исклучен и сум му посветена нему. Тој сега не заспива додека не се вратам од претстава, да се подготвиме за спиење, да се бакнеме и да изгледаме квиз на „Бумеранг“. Убедена сум дека Ахил знае дека јас сум му пријател и дека и во добро и во лошо треба прво мене да ми се обрати. Многу е значајно за секоја жена да е мајка. Едноставно, не си комплетен. Не мислам дека има нешто повредно од поколението што останува зад нас.
Постои ли човек во животот што Ве исполнува надвор од театарскиот живот, човек кому му верувате, човек што Ви верува, личност која Ве исполнува со љубов…
Жугиќ: И тука имав среќа и имав енергија зашто врската е обврска, особено во денешно време кога сите сме во некоја трка. Но, кога се сака, сѐ се може. Јас веќе шест години сум во една врска која можам да ја наречам стабилна, со сите падови и успони. Тој е човек што го разбира тоа што го работам, човек што го сака Ахил и Ахил расте со него. Тоа не е само момче на мама, туку е човек што е присутен во нашиот секојдневен живот. После сѐ, кога имате на крај на денот на кого да кажете добра ноќ, па макар и на телефон, тоа значи нешто.
За животот, предизвиците, грешите…
Жугиќ: За моја среќа, рано осознав една максима која ме води, а тоа е до која мера можам да ја поднесам вистината. Отсекогаш, во секое поле на моето битисување, сум трагала по вистината. Независно дали е тоа вистината во работата што ја работиш, во врската, во социјалниот живот. Не е луксуз да бидеме тоа што сме. Напротив, би било добро да ја имаме таа Сократова доследност да го зборуваме тоа што го чувствуваме и мислиме. Вистината е мојот интимен стожер. Колку да е тешко или болно, полесно е да се справиш со вистината отколку со лагата и со лицемерието.
Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Игор Ангеловски
(Интервјуто е објавено во 56. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Култната „Викенд на мртовци“ премиерно на сцената на Ттеатар Комедија
-
По пауза од 25 години Коле Ангеловски повторно ја режира „Не сега, драга“, сега за шестиот роденден на Театар Комедија
-
Коле Ангеловски ја режира „Не сега, драга“ во Театар Комедија
-
Синиша Евтимов во Театар Комедија ја подготвува претставата „Жена ми се вика Борис“


