| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ: На средбата со ОБСЕ/ОДИХР потврдена е констатацијата дека сериозен предизвик се фер и демократски избори

sdsmИзборниот процес во земјава, со акцент на проблемите кои се појавуваат и се повторуваат во него беше тема на разговорот меѓу претседателот на СДСМ, Зоран Заев, со амбасадорот на ОБСЕ/ОДИХР, Герт Хинрих Аренс, Шеф на набљудувачката мисија за локалните избори 2013 година, соопштија од партијата.

Според СДСМ се разговарало за нецелосната имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во Изборниот Законик, „а беше потврдена констатацијата дека за нашата земја сериозен предизвик се фер и демократски избори. Се осврна внимание и на нерегуларностите на локалните избори, особено на увезените гласачи од Пустец, заплашување на гласачите, злоупотреба на државни институции и слично“, се додава во партиското соопштение.

Амбасадорот Аренс, го пренесува партијата, „истакна дека најважна е политичката волја од сите политички субјекти во земјава да се следат и целосно да се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР и дека за добивање добра правна рамка за Изборниот Законик од суштинска важност е сите препораки да бидат имплементирани. Членовите на делегацијата на ОБСЕ/ОДИХР нагласија дека мора да постои јасна поделба помеѓу ингеренциите на партијата на власт и државните институции, бидејќи само така може да се отстранат можностите за злоупотреба на власта“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top