АД „Електрани на Македонија“ со соопштение реагира на обвинувањата искажани од СДСМ. Според компанијата СДСМ „во целост ги спроведува јавните набавки во согласност со постојниот Закон за јавни набавки. СДСМ во обид да собере ситни дневно политички поени во целост ги извртува фактите со цел да фрли дамка врз постапките што ги спроведува АД ЕЛЕМ на транспарентен начин. Согласно Законот за јавни набавки, АД ЕЛЕМ припаѓа во посебна категорија на договорни органи каде заради специфичноста на дејноста производство на електрична енергија, и согласно законските одредби ја користи, не само отворената, туку и спроведува ограничени постапки за јавни набавки“.
-Истовремено, нагласуваме дека согласно јавно објавените податоци на веб страната на електронскиот систем на јавни набавки, очигледно е дека најголемиот дел од објавените известувања за склучени договори во изминатите девет месеци со постапка со преговарање се однесуваат на повторена постапка која претходно била поништена поради неможност за спроведување на електронска аукција, што е законска обврска согласно измените на Законот за јавни набавки. Целта на ваквите постапки е да се намали нереалната првично понудена цена, а во корист на АД ЕЛЕМ.
Постапките за кои зборува СДСМ се од меѓународен карактер, а се однесуваат на инвестициски зафати кои за првпат се спроведуваат во најголемиот енергетски комбинат РЕК Битола во неговото тридецениско постоење. Поради сложеноста на двата зафати (модернизацијата на агрегатите и модернизацијата на котелските системи) се одвиваат етапно односно секоја година по еден блок, што се спроведува во летните месеци, кога вообичаено, потрошувачката на електрична енергија е драстично намалена во однос на зимскиот период, а цената за истата е најниска. Впрочем, веруваме дека во СДСМ знаат дека сите ремонтни зафати кои се спроведуваат врз производните капацитети, се реализираат во летниот период при намален конзум на електрична енергија.
Според соопштението испратено од компанијата, во однос на ЛОТ2, „понуда доставила само фирмата „Технопрометекспорт“, но оваа понуда содржела неадекватно техничко решение, па со оглед дека таа фирма била единствен понудувач, постапката за ЛОТ 2 е поништена и е распишан нов меѓународен оглас“.
„ Патем за оваа постапка, понудувачот „Технопрометекспорт“, не поднел жалба по извршената евалуација на понудите. На новиот оглас, фирмата „Технопрометекспорт“ воопшто не доставила понуда“, велат од АД ЕЛЕМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.