| четврток, 6 декември 2018 |

Реакции во францускиот печат по победата на Металург: ПСЖ во пеколот во Скопје

metalurg-18

Без да се навредува публиката на Сесон, која виде како ПСЖ се прошета на натпреварот игран минатата среда со победа од 41-28, шампионите на Франција играа во многу различен амбиент во саботата вечерта во Скопје, пишува спортскиот весник „Л’Екип“.

Нивната втора средба од Лигата на шампионите се одигра во зовриената сала во Автокоманда (грешка на „Л’Екип“, се играше во Борис Трајковски) , каде 7000 Македонци беа со Металург. Но ако се погледне биографијата на париските ѕвезди, тоа не може да им послужи како алиби за поразот 28-26 во Скопје, го пренесува пишувањето на спортскиот весник, дописникот на МИА од Париз.

„Лош ден за Французите“ – пишува париски „Фигаро“ кој се повикува на поразот на ПСЖ и тој на Данкерк во Полска.

За „Паризиен“  „ПСЖ падна во Македонија“, „Оуест Франс“ насловува „Париз победен во Македонија“ и понатаму констатира дека „Металург доминираше на мечот со ПСЖ“.

Интернет изданието на „СпортКО“ додава дека ПСЖ не издржа наспроти фуријата од Скопје, со што го доживеаја вториот пораз ова сезона во сите натпреварувања.

„ХандЊуз“ излезе со наслов „ПСЖ во пеколот во Скопје“.

Над 7.000 гледачи го следеа натпреварот од Лигата на шампионите. Презагреаната публика даде се од себе за својата екипа. Играчите на ПСЖ брзо сфатија дека амбиентот ќе биде заглушувачки, кога Микел Хансен беше исвиркан при влегувањето на паркетот, како реванш за неговото однесување на европското првенство во 2012 во Србија на полуфиналето меѓу Македонија и Данска. Истата публика на секој повик на своите играчи или на тренерот Лино Чеврар се креваше и ја понесе својата екипа протоив дрим-тимот на ПСЖ.

Фанатизам или шпекулации? Ракометот е религија во Скопје и Македонија. Во Скопје има 3 екипи, 2 во машка конкуренција и 1 женска, кои годинава играат во Лигата на Шампионите. Тоа е единствен град во Европа со толку учесници во ЛШ. Тоа не пропушти да го забележи ниту француската спортска телевизија Бин ТВ (која е сопственост на катарскиот емир, сопственик на ПСЖ).

ПСЖ е предупреден, за петнаесетина дена повторно ќе игра во истата сала, овојпат против шампионот на Македонија – Вардар. Хансен и неговата „дружина се предупредени каков пречек ги очекува“ завршува ХандЊуз. Додека „Л’Екип“ зајадливо со забелешка до Хансен за кој се надева дека ќе биде помалку нервозен, отколку што беше на крајот на средбата со Металург.

Инаку скоро сите француски извештаи се со многу пофални зборови за умешноста на тренерот на Металург Лино Чеврар, голманот Станиќ и скоро сите играчи кои го надиграа францускиот шампион.

Француската ракометна јавност добро знае дека не е лесно да се игра против екипите од Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top