Сѐ повеќе странци сакаат да станат Германци. Но, пред доселениците има многу пречки, на пример да докажат познавање на јазикот. Од пред 5 години мора да положат и тест за државјанство, за многумина – непотребен, пишува Дојче веле на македонски јазик.
Тестот опфаќа прашања од историјата, државното уредување, општествениот живот и културата во Германија. Воведен е пред 5 години во целата земја, а уште тогаш жестоко се дискутираше околу неговата смисла или бесмисленост. Претешки формулации, премногу детални прашања, гласеше критиката. Во меѓувреме тој е поедноставен на некои места. Но, експертот за миграции Дитер Тренхард сѐ уште го смета за прекомплициран:
„Доселениците со пониско ниво на образование или оние кои потешко се снаоѓаат со германскиот јазик сѐ уште не можат да излезат на крај со него“. Тој стравува дека одредени групи мигранти тестот ги одвраќа од барањето германско државјанство.
Иако покраините радо би доделиле германски пасош на повеќе луѓе, неговото добивање не е едноставно. Зашто, тестот за државјанство не е единствената пречка. Оној кој ќе поднесе барање за германско државјанство треба осум години да живеел во земјата, да не бил осудуван и да докаже дека заработува доволно за да не падне на товар на државата како социјален случај. Освен тоа, услов се и добрите познавања на германскиот јазик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.