Продуцентската куќа која ги застапува Леди Гага, Ријана, Еминем и други светски познати ѕвезди, заинтересирана е да го прошири бизнисот во Македонија, откако се информираше за владината иницијатива “Инвест ин Маседонија”, пишува Вест.
Нилс Бортлоф, потпретседател за правни и деловни работи на “Универзал мјузик”, Германија, кој неделава присуствуваше на балканската меѓународна конференција за фонограмска индустрија во Скопје, вели дека неговата компанија веќе ги истражува условите за инвестирање во земјава и ако нешто ги разубеди, тоа ќе бидат измените на Законот за авторските и сродни права кои се во собраниска процедура.
“Измените на Законот за авторските и сродни права, кои се во собраниска процедура, никако не се во согласност со европското законодавство, и ја повикувам Владата уште еднаш да размисли дали измените навистина се потребни, бидејќи ако се усвојат, македонскиот Закон за авторските и сродни права веќе нема да биде во иста линија со европскиот”, рече Бортлоф, вчера, на прес-конференција.
Бортлоф вели дека “Универзал” веќе е активен на пазарите во Хрватска, Србија и во Словенија.
“Секаде каде што има здрав пазар, каде што има добро законодавство и се чувствува поддршка од Владата, во сите тие земји ‘Универзал’ сака да работи и да инвестира и е многу активен. Не работиме само со големи ѕвезди, бидејќи и големите ѕвезди некој треба да ги создаде, оти на почетокот се мали и локални. Затоа ‘Универзал’ бара и потпишува договори со локални уметници што ја презентираат локалната култура. На ист начин би инвестирале и во македонската култура, во локалните изведувачи, групи и пејачи”, вели Бортлоф.
Според него, Законот за авторските и сродни права е под притисок секаде во светот, бидејќи има луѓе што бараат сe што е пиратско да стане легално, да биде сe бесплатно, но тоа, вели Бортлоф, е радикален став.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.