| четврток, 6 декември 2018 |

Покренато обвинение за грабежот во чаирската пошта

Makedonska posta logo

Обвинителството го состави обвинителниот акт против 10 лица кои се товарат дека со своето неодговорно однесување придонеле да се случи грабежот во Македонски пошти.

Несовесно си ги вршеле овластувањата и должностите и дозволиле Македонска пошта да биде олеснета за 220 илјади евра пари. Вака обвинителството го срочи обвинението против 10-темина вработени во Пошта.

Управничката на Пошта Чаир, главен благајник, поштар, двајца контролори, раководителите на обезбедувањето и на внатрешна контрола. Некој одговара затоа што не вршел надзор на безбедносните камери со што било овозможено неконтролирано влегување и излегување од службената врата. Друг затоа што не ги известил надредените дека постојат два пара клучеви за службените влез, трет затоа што не ја затворил сигурносната решетка и заштитната врата, па на крадците им бил лесен патот до парите. За адвокатите во овој предмет нема криминал, ниту има докази дека обвинетите им овозможиле на разбојниците да ја ограбат поштата.

Вработените во пошта своите одбрани во судница ќе ги дадат откако обвинителниот акт ќе стане правосилен. Ќе биде повикан и директорот на Македонска Пошта, Рафиз Алити, како претставник на оштетената фирма.

Осуммина од нив втор месец се во притвор, еден се брани од домашен притвор, а се уште е недостапна ќерката на поранешен функционер на ДУИ.

Двајцата разбојниците кои на 26-ти јули ја ограбија Поштата во Чаир се уште се на слобода. Иако во некои случаи беа откриени крадците или пак вработени кои помогнале во грабежи на поштите низ Македонија, нерасчистени останаа неколкуте големи филмски грабежи во кои имаше повредени и убиени и кои изминатата деценија ја чинеа Поштата речиси 2 милиона евра. Нема ниту нови информации околу истрагата за пожарот во централата на Македонска пошта, дали влијаел човечки фактор и дали некој ќе одговара.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top