СДСМ инсистира министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, да и ја открие на јавноста како што велат, тајната на експресното богатење со административна плата.
-Дали Анкетниот лист на Гордана Јанкулоска, јавно објавен на страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата ја замолче „чесната“ министерка? Бидејќи таа самата најави дека ќе ги запознае медиумите, или барем дел од нив, а во текот на вчерашниот ден тоа не се случи – пишува во соопштението на СДСМ.
Најголемата опозициска партија ја повикува министерката Јанкулоска да одговори каде е запишан кредитот од Шпаркасе банка за коjшто таа тврди дека го подигнала за становите вредни 200.000 евра.
-Анкетниот лист покажува дека Јанкулоска во Шпаркасе банка има девизи, а не кредит. За споредба, го доставуваме Анкетниот лист на Јанкулоска од 2006 година, кога седнала во фотелјата во МВР. Тогаш пријавила дека има само стан од 50 метри квадратни. Во 2006 Јанкулоска имала и кредит од 25.000 евра и заштеди од 10.000 евра. Но, по 5 години, според новиот Анкетен лист, Јанкулоска освен што се стекнала со два стана вредни 200.000 евра, ги намалила кредитите за 11.000 евра, а ги зголемила заштедите во девизи и денари за дури 15.000 евра – пишува во соопштението од СДСМ.
Јанкуловска тврди дека СДСМ лаже дека новинарите не добиле шанса да извршат увид во документацијата со која се побиваат сите нивни клевети.

-СДСМ лаже за квадратурата на станбениот простор. Двата стана кои ги купивме со мојот сопруг се ставени како залог, односно хипотека за подигнатиот кредит. Од имотниот лист може да се види дека тие не се 214 метри квадратни како што манипулира СДСМ. СДСМ лаже за незаконски заработени 200.000 евра. Во прилог на јавноста го доставувам и договорот за продажба на станот од 76 квадрати кој го поседував пред стапување на функција и пред стапување во брак. Со тие средства, пријавените заштеди, кредит и заем во висина од 10.000 евра е извршена уплатата за новиот стан и направена е соодветна промена на амортизацискиот план при што месечниот ануитет е 546,96 евра во денарска противвредност -пишува во реакцијата на Јанкулоска.
Министерката за внатрешни работи уште еднаш му упати порака на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов дека ќе се видат на суд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


