Четири краткометражни документарни филмови од филмскиот опус на Иво Лауренчиќ, ќе бидат дел од програмата на Музејот на југословенскиот филм во Белград, Србија. Станува збор за филмовите „Камени бродови“, „Културно историски споменици“, „Белград на две реки“ и „Во време за вечност“ кои Лауренчиќ ги создаде во периодот од 1983 до 1987 година. Проекцијата на краткометражните оставрувања е дел од пошироката In memoriam програма на Музејот на југословенскиот филм, која е посветена на неколку значајни филмски режисери кои оставиле препознатлив белег во развојот на кинематографијата на овие простори, но и пошироко во светски рамки.
Во описот на програмата и авторите чии дела ќе бидат прикажани, филмскиот режисер, критичар и професор Никола Лоренцин, за Лауренчиќ напиша: „Човек, кој животот го заложи за филм. Сестран повеќенаменски мајстор во филмскиот и маркетиншкиот занает и веле-адвертајзер, а всушност се тоа беше само живот за филмот“. Лауренчиќ во текот на својата богата кариера создаде над 300 комуникациски проекти и повеќе од 400 видео форми во филмската и креативната индустрија, за што е добитник на повеќе од 50 домашни и меѓународни награди и признанија. Повеќето негови дела добија
антологиски карактер и денес се урнек за врвни достигнувања. Иво Лауренчиќ е основач на една од првите маркетинг агенции во Македонија, која успешно функционира на пазарот веќе 20 години и стана школа каде занаетот за маркетинг и продукција го учеа многу млади талентирани луѓе кои подоцна направија богати кариери.
Лауренчиќ е и создавач на првите брендови во Македонија, меѓу кои е и брендот „Скопско“, а креатор е и на првите политички кампањи со доаѓањето на плурализмот во земјата. Тој го создаде и еден од првите филмови по нејзиното осамостојување „Ден во Македонија“, а креираше и реализираше серијал од 1.060 емисии „Говорете Македонски“ за Македонската државна телевизија. Негово дело беше и кампањата за промоција и зачувување на македонското кирилично писмо „Додека пишувам на кирилица, постојам“. Токму оваа кампања доби прва награда на фестивалот ФЕСТО во Хрватска.
Иво Лаурениќ е роден во Шибеник, а работниот век го помина во Белград, Загреб и Скопје. Во Белград завршува Филмска академија. Кратко работел во тогашната фото лабораторијата на Тито, а своите први филмски почетоци ги започнува како дел од тимот што ги создаде филмовите „Огледалото на граѓанинот Покорни“ и „Сервисна станица“. Работи и на неколку значајни телевизиски проекти. По само четири години работа во Радио Телевизија Белград, назначен е за директор на Втората програма. Лауренчиќ ја продолжува својата кариера како слободен филмски уметник, снимајќи документарци и работејќи како помошник – режисер, меѓу другото, на проектите „Венецот на Петрија“, „Мајстори, мајстори“, „Сивиот дом“, „Грлом у Јагоде“, заедно со тогашната плејада на филмски работници. Серијата документарци за јадранските острови „Илјада камени бродови“ кои и денес имаат култен документаристички статус, може со право да се нарече негово антологиско дело прикажувано на 150 телевизии во светот. Карактеристична во неговиот израз, беше естетиката на деталите и нивната специфична визуелизација. Овој правец остана запишан во учебниците по режија.
Инаку, покрај делата на Лауренчиќ, како дел од пошироката In memoriam програма на Музејот на југословенскиот филм, ќе бидат прикажани и филмските дела на Дејан Косановиќ, Владимир Димитриев, Алексеј Балабанов, Петар Тодоровски, Ричар Матесон и Реј Мензарек.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.