| четврток, 6 декември 2018 |

Евробаскет: Франција е новиот европски шампион

Кошаркарите на Франција ја освоија титулата на Европското првенство, откако во финалето ја победија Литванија со 80-66. За Франција ова е прва титула во историјата, претходно имаа два сребрени и пет бронзени медали.

Третото место и бронзениот медал го освои Шпанија која во „малото финале“ ја совлада Хрватска со 92-66.

Македонската репрезентација на Европското првенство го освои скромното 21-во место, откако во првата фаза забележа само една победа (Србија) и четири порази (Црна Гора, Литванија, БиХ и Летонија).

На разиграната Франција, Литванија и пружи отпор само во првата четвртина, која заврши со резултат 19-22. Литванците имаа предност само благодарение на Линас Клеиза кој во првиот период постигна 11 поени.

Тони Паркер, за разлика од полуфиналето со Шпанија, од стартот се реши за поинаква тактика, да ги разигра соиграчите, наместо да поентира. Ажинса во првиот дел постигна 4, а Батум 7 поени.

Дисциплинирано играа двете репрезентации и на почетокот од втората четвртина, а Клеиза го продолжи своето шутерско шоу, уфрли пет поени во низа, додека на другата страна одговор доби од ветеранот Пјетруш кој постигна шест поени.

Во 14-та минута резултатот беше 29-29, а потоа Батум влезе во серија, погоди две тројки по ред и ја однесе Франција на 41-34. Од тој момент Французите се растрчаа по теренот, имаа неверојатна контрола во рекетот и со тројката на Антоан Дио со звукот на сирената на полувреме заминаа со огромна предност од 50-34.

Николас Батум одигра брилијантно прво полувреме, со само едно промашување од поле (6/7), постигна 17 поени, на кои придодаде 3 скока, 2 украдени топки и една асистенција.

Одговорноста во играта на Франција во третата четвртина ја презеде Борис Дија, кој си поигруваше со високите играчи во литванската репрезентација. Најпрвин постигна 5 поени во низа за огромна предност на „триколорите“ од 60-41.

Во последната четвртина Франција без проблеми ја одржуваше огромната предност, а конечно се разигра и Тони Паркер, кој во овој период постигна 8 поени.

Паркер мечот го заврши со 12 поени, 2 скока и 3 асистенции, двоцифрен ефект имаа уште Батум (17 поени, 6 скока) и Дија (15 поени, 6 скока, 4 асистенции).

Клеиза со 20, Калниетис со 19 и Сеибутис со 10 поени беа најефикасните играчи на Литванија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top