Градоначалникот на општина Чаир потврди дека се водат интензивни преговори со министерот за образование за решавање на проблемот со имињата на четирите основни училишта во оваа општина, јави „Алсат“.
Градоначалникот на општината, Изет Меџити истакна дека аргументите се на страна на општина Чаир и се очекува ова прашање да се реши брзо, без да го прецизира рокот.
-Јас потврдувам дека постои комуникација и тоа што уште еднаш сакам да го истакнам е дека аргументите се на наша страна, а станува збор за училиштата каде што 99% од учениците се Албанци, наставниците се Албанци, родителите се Албанци, директорот е Албанец, населбите се со Албанци, значи аргументите се целосно во наша страна, законското право е на наша страна. Очекувам добра волја и оваа работа да се затвора во интерес на образованието, да што помалку се занимаваме со такви прашања, а повеќе да се справиме со подигањето на стандардот, со капиталните инвестиции и со други работи”, рече градоначалникот Меџити.
И министерот за образование, Спиро Ристовски, деновиве изјави дека се вршат систематски разговори со раководството на општина Чаир за имињата на четирите училишта .
Според него, постигнато решение ќе биде достапно за двете страни и немало да има ниту победник, ниту губитник. Инаку, учениците на основните училишта “Имри Елези “, “Исмаил Ќемали”, “Хасан Приштина”, “Јашар беј Шкупи”, во општина Чаир, на крајот на оваа година ги добија свидетелствата со старите имиња: “Никола Вапцаров“, “Рајко Жинзифов“, “Цветан Димов“ и “Јане Сандански“.
Градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, притоа изјави дека тоа било привремено и прагматично решение.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


