Македонија има водечка улога во регионот меѓу земјите од ЈИЕ во врска со здравството беше констатирано на средбата на министерот за здравство Никола Тодоров и директорот на Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО- WHO) за Европа, Сузана Јакаб при што во неделата во турскиот град Чешме беше потпишан двегодишен договор за соработка меѓу Министерството за здравство и СЗО – Регионална канцеларија за Европа за периодот 2014/2015 година.
Притоа, како што информираат од министерството за здравство, Јакаб изразила задоволство од потпишувањето на одговорот и нагласила дека соработката со Македонија досега била одлична и оти е во план таа да биде уште подобра следната година.
„Ми беше многу драго што престојував во Скопје за инаугурацијата на Секретаријатот на мрежата на Југоисточна Европа. На овој начин Македонија има водечка улога во регионот меѓу земјите од југоисточна Европа во врска со здравството. СЗО во целост ќе ја поддржува Македонија со техничките капацитети за оваа улога ефикасно да ја заврши”, рекла Јакаб.
Министерот Тодоров во понеделник во Чешме ќе се обрати на 63 -та годишна сесија на Регионалниот комитет на Светската здравствена организација за Европа.
Од министерството, притоа, потсетуваат дека Владата на Република Македонија во континуитет го реализира проектот за набавката на најсовремена медицинска опрема во вредност од над 100 милиони евра, што претставува најголемата инвестиција во македонското здравство во последните дваесет години. Целта на проектот е обезбедување на современа здравствена заштита и подобрување на квалитетот на здравствените услуги на населението.
„Република Македонија е прва земја од Европа која потпиша ваков договор со Светската здравствена организација во оваа сесија на договори. Тоа ќе ни овозможи на обезбедиме двојно повеќе средства од оние што претходно биле обезбедувани за оваа намена. Тоа се 660 илјади до 700 илјади евра, кои помагаат да се имплементираат политики кои се од значење за РМ, особено во делот на здравствените политики”, рекол министерот за здравство Никола Тодоров.
Договорот содржи одредби за техничката поддршка за имплементација на новиот Оперативен план во здравството до 2020 година, како и во областа на незаразните болести.
Тодоров, исто така, нагласил дека имал можност со Јакаб да поразговара за приоритетите кои ги има Македонија во однос на развојот на здравствениот сектор.
„Ги информирав за повеќе реформски активности кои ги преземаме на овој план, од аспект на здравствената инфраструктура, инвестирањето во човечки капитал и едукација на доктори специјалисти во Македонија, едукација од странски доктори во Македонија, електронскиот систем ‘Мој термин’, како и две посебни работи кои влегоа во договорот, што беше предност која и беше дадена на Македонија”, рекол Тодоров.
Министерот нагласил дека она што за него претставува силен мотив да продолжи успешната соработка со СЗО е дел од стратешкиот оперативен план кој е вметнат во договорот. Според Тодоров, станува збор за план кој треба да овозможи континуитет на сите реформи кои се прават во областа на здравството во Македонија, кој треба да биде во согласност со здравствената политика на СЗО до 2020 годна .
„Ќе се фокусираме, додаде министерот, на стратешкиот оперативен план кој е повеќегодишен и треба да обезбеди континуитет на реформите. Втора работа на која ќе се фокусираме се незаразните заболувања. Првпат во Македонија е претставена програмата за кардиоваскуларни заболувања, тука се и малигните заболувања, менталното здравје, сидата… “, појаснил Тодоров
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.