| четврток, 6 декември 2018 |

Илина Јакимовска: Не е важен медиумот, важно е како е нешто напишано

Социјалните мрежи се моќна алатка и навистина може да вмрежат, и во наши услови, луѓе и идеи, и да помогнат тие да се реализираат. На крајот на краиштата, тие се само алатка, па начинот на кој се користат, содржините кои се разменуваат, поттикнуваат, шират и (зло)употребуваат не зависат од никого друг освен од нивните пронаоѓачи и корисници, од нас, луѓето, вели Илина Јакимовска,

Илина Јакимовска не е само страствена љубителка на убави книги и чај, туку и иницијатор на календарот за хуманитарни цели „Твитеркалендар“ за 2013 година. За потребите на календарот се соблекоа 12 девојки, членки на твитер-заедницата во Македонија. Таа е и доктор по етнолошки науки на Природно-математичкиот факултет при УКИМ, а во нејзината биографија стои и тоа дека двапати соработувала со македонскиот режисер Милчо Манчевски, за потребите на филмовите „Прашина“ и „Мајки“. Активна е на твитер и фејсбук,  ја уредува „Буксбокс“ на порталот 0фф.нет.мк и редовно му чита книги на својот шестгодишен син пред спиење. Смета дека новата генерација ќе чита се помалку на хартија, но медиумот не е важан – важна е магијата на она што е убаво напишано и раскажано.

Дванаест храбри Македонки се соблекоа на календар за хуманитарни цели во акцијата „Твитеркалендар“ за 2013 година. Ова е прв ваков календар во Македонија за кој секој што го виде имаше само пофални зборови. Девојките, членки на твитер-заедницата во Македонија, иако не се професионални манекенки, решија да направат нешто поразлично. Вие бевте иницијатор. Од каде идејата?
Идејата ја добив кога на Твитер се појави фотографија на една наша твитерџика, направена од Владимир Тасевски, кој подоцна заедно со Димитар Петровски и волонтираше за проектот. Без многу размислување, и без амбиција токму јас да ја спроведам идејата, коментирав дека би било фино да се соберат повеќе твитерџики и да се направи хуманитарен календар. Кога видов колку реакции повлече, и кога на повикот се јавија повеќе од дваесет девојки, сфатив дека работата станува сериозна.
Она што најмногу ме интересираше можеби и не беше крајниот производ самиот по себе, туку љубопитноста дали е навистина можно луѓе од нашава средина, кои претходно главно не се познаваа, да направат нешто корисно и убаво, со посредство на социјалните мрежи. Такви успешни обиди на локалната заедница имало секако и претходно, но бидејќи сум од неодамна на Твитер имав само слушнато за нив, и немав директно искуство со овој медиум и со луѓето кои го користат. Сега можам и лично да посведочам дека социјалните мрежи се моќна алатка, и дека навистина може да вмрежат, и во наши услови, луѓе и идеи, и да помогнат тие да се реализираат. На крајот  на краиштата, тие се само алатка, па начинот на кој се користат, содржините кои се разменуваат, поттикнуваат, шират и (зло)употребуваат не зависат од никого друг освен од нивните пронаоѓачи и корисници, од нас, луѓето.

Календарот беше доделен како донација на здружението за борба против рак на дојка „Борка“ кое треба да го користи за промоција на своите активности. Дали сте задоволна од тоа како помина календарот во јавноста?
Сега сум задоволна, иако во текот на тие два месеци постојано стравував дека нешто ќе тргне наопаку. Сите досегашни акции кои сум ги организирала сум ги правела сама, или со еден-двајца луѓе кои добро ги познавам, и во таква ситуација на „сам падни-сам стани“ ако нешто не успее барем можете да си бидете лути на самите себе, и да не повлечете одговорност и за некој друг. Главната работа секако ја завршија фотографите, девојките и дизајнерката, но јас пак се секирав колку сите нив заедно.
Жал ми е што немаше време и средства календарот да биде отпечатен на хартија, но во оние неколку разговори со можни спонзори добив впечаток дека доколку некоја фирма даде средства таа ќе го смета календарот за „нејзин“ и дека на тој начин акцентот кој требаше да биде ставен врз хуманитарната порака ќе се загуби. Тоа некој да ви даде пари за реализација на вашата идеја е одлично, но ако уште од почетокот се поставува агресивно и наметнува свои услови, можеби е подобро човек да си ги пружи нозете колку што му е долга чергата, и да се обиде да покаже дека и со ич пари може да се реализира некоја идеја. На крајот на краиштата донација не се само пари, туку и времето, енергијата и знаењето кој некој ги вложува, нешто што и другите го препознаваат како напор на сите да ни биде подобро, или барем помалку лошо.

Малкумина знаат дека бевте консултантка на филмовите на Милчно Манчевски „Прашина“ и „Мајки“. Како дојде до соработката со Манчевски и што работевте на филмот?
Со Милчо се познаваме и дружиме петнаесетина години. Тој е редок, љубопитен и умен соговорник кој, формиран и вон нашите интелектуални кругови, со поинакви, поконструктивни традиции на креативна соработка, знае да праша кога нешто не знае, и прифаќа критика. Во „Прашина“ помагав околку етнолошката позадина, која иако се работеше за фиктивна приказна, сепак беше важна. Истото се случуваше и во „Мајки“ – практично вториот дел од филмот, кој се однесува на етнолози кои одат на терен, заедно го допишувавме и брусевме, за да одговара на реалните теренски искуства на еден етнолог. Посебно сум горда на една реченица од сценариото („Куро крај нема“) која е извлечена директно од теренски материјали на студентите од нашиот Институт за етнологија и антропологија, од интервју направено при посета на преспанските села, на кое бев присутна. Бабата која ја кажа изгледаше речиси исто како и бабата во филмот, и нејзината спонтаност ослободена од секаква инхибиција прави уште еднаш да ги преиспитаме стереотипите за македонската жена како вечно смерна, понижена и навредена. Истовремено, сакам да се сметам и за кума на филмот, бидејќи трагајќи по посоодветен наслов кој би ги обединувал трите приказни во филмот кој работно се викаше „Како бебе“ го сугерирав токму мајчинството како таков лајт-мотив.

02

Веќе шест години сте доктор на етнолошки науки на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ при УКИМ. Предавате неколку предмети меѓу кои Пол и родова култура и Социјална култура на Македонците. Каква е родовата, но и социјалната култура на Македонците?
ЈАКИМОВСКА: Ова е многу општо прашање и не би можела исто така и да одговорам. Социјалниот, духовниот и материјалниот се меѓусебно испреплетени аспекти на културата, и тоа што на Институтот за етнологија и антропологија сме ги поделиле на различни предмети не е резултат на некаков светоглед или теориски став, туку на практични потреби. Родовоста пак има, или може да има врска со сите нив. Она со што сакам студентите да заминат од факултетот е сензитивноста кон родовите прашања, но и да имаат подеднаков критички однос и кон оние кои создаваат родови стереотипи, и кон оние кои се обидуваат со сила да ги измислат и да се „борат“ против нив, дури и кога реално нема основа за тоа. Така, македонската култура во рамки на балканската во антрополошката литература долго време е прогласувана за патријархална и за таква која ги мрази и експлоатира жените, но етнографските податоци покажуваат сосема друга слика, примери на жени кои во приватниот, па дури и во јавниот живот имале значајни ингеренции, често служејќи се со невидливите механизми на женската субкултура. Оној кој и денес тврди дека македонското општество е патријархално, и дека мажот е газда бидејќи ги носи пантоланите, нека се праша кој му ги одбрал, испрал и испеглал, пред тој да ги облече.

Почнавте на он.нет.мк, а потоа се префрливте на офф.нет.мк каде што го уредувате книжевниот блог. „Букбокс“ е единствен по изборот на квалитетни книги, интересен, некој би рекол за потесен круг читатели, но од авион се гледа дека е пишуван со голем кеиф. Кои се ваши омилени книги, кое е ваше омилено четиво пред спиење?
ЈАКИМОВСКА: Моите книги се трупаат до креветот, а приоритет имаат добиените на подарок и позајмените, како и потенцијалните за издавање. При крај сум со преводот на збирката есеи на одличниот, често сатиричен а понекогаш и мрачен хрватски писател и новинар Борис Дежуловиќ, чиј целокупен опус го препрочитував до скоро, за да го направам потребниот избор. Букбокс на офф.нет сепак не е само за книжевност, туку воопшто за информации и текстови од областа на културата.

03

 „Букбокс“, ако не се лажам, го организираше и Фестивалот на јадење и размена на книги. Какво е искуството од Фестивалот и се разменија ли доволно книги?
ЈАКИМОВСКА: Обете акции се од оние гореспоменатите, мали  ама слатки. Фестивалот на јадење книги, здрави-живи, оваа година би требало да го одржиме по трет пат, исто како и размената. Тоа се две одделни акции, но луѓето кои ги подржуваат се главно истите, верни читатели на Букбокс. Јас веќе одвоив неколку книги за идната размена, на која секогаш си наоѓам по нешто. Традицијата на размена наспроти купување на секаков вид предмети за мене е брана против неумерениот конзумеризам, а книгата на крајот на краиштата е производ како и секој друг. Освен неколкуте многу драги книги од кои не би сакала да се разделам, останатото многу радо би сакала да го споделам со другите. Убаво е што има и други со таков став, инаку самиот концепт на размена не би бил возможен.

Како професор на ПМФ во контакт сте со студентите и со оваа нова генерација каде што целиот живот им е спакуван во еден „ајфон“. Таму им е распоредот на денот, фотографиите, блоговите, статусите на „Фејсбук“ и твитовите…Има ли надеж за оваа нација од каде потекнуваат просветителите дека еден ден ќе и се врати на писменоста, на културата, па и на книгата воопшто?
ЈАКИМОВСКА: Нашите студенти се главно поскромни, не сум забележала некој да има „ајфон“. Го разбирам контекстот на вашето прашање, но не мислам дека технологијата е радикално спротивставена на писменоста, односно дека самата по себе е некаква апстрактна закана, на која човек не може да и’ се спротивстави. И покрај тоа што син ми на шест години има пристап до лаптоп, ДВД плеер, таблет и плејстешн кои обилно ги користи, тој е веќе член на библиотеката „Браќа Миладиновци“, и дур му читам пред спиење се возбудува од сцената кога Волдеморт се обидува да го убие Хари Потер, иако тоа е „само“ книга. Можеби неговата генерација се’ помалку ќе чита на хартија, но медиумот конечно и не е важен – магијата на она што е убаво напишано и раскажано останува, и нема зошто кон ова да се „враќаме“ бидејќи „таму“ (во светот на писменоста, културата и книгата) во нашите поединечни животи но и во општеството воопшто, или воопшто не сме биле, или никогаш од таму не сме ни заминале.
Една од целите на Букбокс е да покаже дека читањето може да биде интересна занимација, без претерано да го интелектуализира и елитизира овој чин. „Начитан“ понекогаш знае да биде спротивно од комплимент, ако човекот кој премногу читал заборавил во меѓувреме и да живее.

Живееме во време кога е најважно колку лајкови ќе добиеш на статусот кој ќе го објавиш на „Фејсбук“, колку си присутен и колку луѓе те следат на твитер. Не сум против технологијата, но што е она што ќе не натера повторно да се среќаваме во живо наместо на чет?
ЈАКИМОВСКА: Во кафаната каде често седиме со пријателите, околу 2-3 попладне, ако сте на масата покрај прозорецот, сонцето паѓа под таков агол што можете да замижите и во фон да слушате дур друштвото на масата џагори, а вас полека да ве фаќа дремка. Од истото место се гледа и графитот „те сакам“, кој наместо на ѕид на Фејсбук некој сепак имал потреба некому да му го напише на вистински ѕид. Секогаш ќе биде поубаво наместо да кликнете лајк на профилот на пријател, него силно да го гушнете.

Електронска книга или книга во печатено издание?
На хартија. Ама да не е многу ситен фонт.

Прочитав еднаш дека сте голема љубителка на чај? Точно ли е? Опиштете ми го вашиот ритуал на правење, пиење и уживање во чајот…

ЈАКИМОВСКА: Моето „чајно ќоше“ зазема добар дел од кујната. Во него во моментов има (чекајте да избројам..) 5 чајника, куп шољи, шољички и тацни, едно шеесетина видови чај (црн/зелен/бел) кои ми ги носеле пријатели од сите страни на светот (а фала богу и во Скопје сега има специјализирана продавница), филтри и неколку книги за подготовка на чај, која во некои култури е издигната на ниво на уметност. Чајот е билка од родот камелии, па можеби некоја таква љубителка на чај била вистинската инспирација на Александар Дима за „Дамата со камелии“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top