Македонската економија закрепнува. Последните податоци влеваат оптимизам дека до крајот на годинава економијата ќе расте засилено. Податоците на државната статистика покажуваат дека во првите седум месеци индустријата пораснала за 2,2 процента во однос на истиот период од минатата година. Само во јули годинава, споредено со јули минатата година, индустриското производство бележи раст од 3,9 проценти. Според податоците, главен двигател е преработувачката индустрија, каде што е забележан раст од 7,3 проценти, а додека кај рударството и вадење камен растот е 3,3 проценти. Пад од 15,5 проценти има кај снабдување со електрична енергија, гас и пареа.
7,3% преработувачка индустрија
3,3% рударство и вадење камен
-15,5% снабдување со електрична енергија, гас и пареа
Растот на индустриското производство е позитивен сигнал, сметаат бизнисмените. Според бизнис-заедницата, секој раст на индустриското производство е добар сигнал за економијата. Од Стопанската комора велат дека проекциите за 2013 година ќе бидат остварени, а позитивните економски движења ќе продолжат и во втората половина од годината.
– Потврда за ова се податоците за растот на индустриското производство, растот на бројот на работниците во индустријата, зголемениот обем на работа во градежништвото и растот во туризмот. Ризиците што постојат може да се елиминираат само преку модернизација на постојните и поттикнување инвестиции во нови капацитети – вели Стојмирка Тасевска од Стопанската комора.
И од Сојузот на стопанските комори велат дека се оптимисти за вториот квартал од годината. Оттаму очекуваат дека годинава ќе заврши со раст на БДП меѓу 2 и 3 проценти доколку растот на индустриското продолжи со исто темпо.
– Како што веќе прогнозиравме во Сојузот на стопанските комори, оптимисти сме за вториот квартал од годинава и очигледно излеговме од рецесијата. Најдобар показател за тоа е растот на индустриското производство. До крајот на годината очекуваме и БДП да порасне меѓу два и три проценти. Ако продолжи вака, нашиот оптимизам ќе биде оправдан – вели Мирче Чекреџи од Сојузот на стопанските комори.
Според стопанствениците, друг показател е тоа што после долго време и европската економија покажува позитивни резултати, и тоа, секако, ќе има влијание врз македонското стопанство.
И Владата е охрабрена од растот на индустриското производство.
– Тоа се позитивни податоци и движења, и како Влада ќе продолжиме да правиме сè што е во наша моќ за да привлечеме што повеќе домашни и странски инвестиции. Тоа е можно со повеќе активности во креирањето поволна бизнис-клима преку менување и спроведување закони кои се во интерес на бизнисот, со промоција на земјата пред странските инвеститори, како и со решавање на многуте проблеми на бизнисмените, активност што предвидува постојана комуникација меѓу Владата и компаниите. Тоа е она што предвидува постојан напредок – изјави премиерот Груевски.
Според него, добро е што македонската економија бележи позитивни движења во време кога во земјите од Европската унија сè уште ги чувствуваат последиците од кризата.
– Посебно ми е драго тоа што Македонија почнува да има позитивни движења во време кога сè уште Европската унија е во сериозна криза. Тоа не значи дека таа не се чувствува кај нас, меѓутоа почнуваат одредени позитивни движења кои нè охрабруваат да продолжиме со нашите активности за тие да се зајакнат и во иднина – истакна Груевски.
Оптимизам и кај НБРМ
И Народната банка во кварталниот извештај излезе со оптимистички прогнози за економијата.
„Домашниот бруто-производ во првото тримесечје оствари раст од 2,9 проценти, а остварувањата за вториот квартал упатуваат на задржување на економијата во зоната на солиден годишен раст во согласност со проектираното. Во периодот од априлските проекции досега, клучните макроекономски параметри во домашната економија, главно, се движеа во согласност со очекувањата. Остварениот раст е малку посилен од очекуваниот во априлската проекција, одразувајќи ги подобрите остварувања кај инвестициската побарувачка и посилниот позитивен придонес на нето-извозот. Во текот на вториот квартал беше остварена годишна стапка на инфлација од 3,6 проценти, што е во согласност со очекувањата. Од аспект на ризиците за инфлацијата, тие засега се оценуваат како урамнотежени, а априлските оценки како соодветни“, стои во кварталниот извештај на НБРМ.
Раст на индустријата во ЕУ
Во јуни индустриското производство во еврозоната порасна за 0,7, а во ЕУ за 0,9 отсто, покажаа податоците на Евростат. Во претходниот месец, пак, беше регистриран пад од 0,2 проценти во еврозоната, односно 0,4 проценти во ЕУ.
Во јуни најмногу се зголеми производството на трајни потрошувачки добра, за 4,9 проценти во еврозоната, односно за 4,2 проценти во ЕУ. Најголем пад е забележан во сегментот производство на енергија, за 1,6 процент во еврозоната и 1,3 процент во ЕУ.
Меѓу одделни држави-членки, најголем раст остварија Ирска (8,7%), Романија (5,7%), Полска (3,1%), Германија и Грција (со по 2,5%). Најголем пад беше забележан во Холандија (4,1%), Португалија (2,8%) и во Франција (1,5%).
Ирска 8,7%
Романија 5,7%
Полска 3,1%
Германија 2,5%%
Грција 2,5 %
На годишно ниво, индустриското производство во еврозоната порасна за 0,3 проценти, а во ЕУ за 0,4 отсто, стои во податоците на Евростат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Уште сме на почетокот: Проблемите во економијата ќе продолжат да се продлабочуваат
-
Мерките на владата поразителни: Лелеци во текстилната и кожарската индустрија која вработува 40.000 луѓе
-
Ќе одите на одмор во Грција? Еве какви се цените…
-
ВМРО-ДПМНЕ: Економските политики на Владата се покажаа како погубни за македонската економија и бизнис секторот