| четврток, 6 декември 2018 |

Лавров: Македонија е клучен партнер за стабилизација на Балканот

Русија ја смета Македонија за клучен партнер во нејзината мисија за стабилизација на Балканот, истакна шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на средбата во Москва со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски

lavrov

– Имаме историја на добри односи, не постојат отворени прашања. Постојат значајни потенцијали и ние треба да ги фокусираме нашите напори тие да се реализираат, рече Лавров, подвлекувајќи ја важноста од посилни врски со Македонија, пренесуваaт ИТАР ТАСС и Гласот на Русија.

Тој додаде дека Русија е против прекројување на границите во Европа и особено на Балканот.

– Ние сме против прекројување на границите во Европа. Сите треба да ги почитуваат принципите на Повелбата од Хелсинки. Ова се однесува и на ситуацијата на Балканот, истакна Лавров.

Тој потсети дека на Балканот се пролеа многу крв и оти никој не сака повторување на слични сценарија.

Шефот на македонската дипломатија Попоски, пак, увери дека Скопје не поддржува национализам и прекројување на границите. – Вакви активности не водат кон стабилност во регионот, рече Попоски.

Тој додаде дека Македонија претставува добар пример за мултиетнички и мултирелигиски соживот.

– Државите на Балканот се мали и во нивен интерес е да бараат интеграција и транспарентност, посочи министерот Попоски.

На средбата тој се заложил за зајакнување на соработката со Русија во економската сфера, можноста за директни руски инвестиции и особено за изградба на крак на гасоводот “Јужен поток” за испорака на гас и гасификација на Република Македонија.

Министерот Попоски го нагласи и значењето на средбата на рускиот претседател Владимир Путин со македонскиот премиер Никола Груевски која се одржа лани во јуни во Санкт Петерсбург.

Лавров и Попоски на денешната средба потпишаа и Спогодба за отворање на културни центри во Москва и во Скопје, и план за консултации за министерствата за надворешни работи на двете земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top