Брисел реагира на македонско-косовскиот судир, предизвикан од ембаргото за македонските производи од косовска страна, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Европската комисија денеска побара сите страни во овој судир, што прераснува во целосно ембарго на официјална Приштина за македонските производи и патни такси за Косоварите при влез во Македонија, да се држат до обврските преземени во рамки на Централно-европскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА).
– Ние се стремиме кон појаснување на неодамнешните пријавени мерки и очекуваме сите страни да ги почитуваат своите обврски во рамките на ЦЕФТА – рече портпаролот на Комисијата, Петер Стано, во изјава за МИА.
Гласноговорникот на неформалната влада на Европската унија не сакаше да влезе во детали дали ЕУ ќе се вмеша подиректно со цел надминување на спорот меѓу Македонија и Косово, но јасно е дека Брисел одблиску го следи развојот на настаните и посакува нивна позитивна разрешница.
Реагираше и СДСМ на ситуацијата со Косово. Политиката на актуелната влада во земјоделието се сведува на давање субвенции, меѓутоа слабо таа има слаби ефекти, рече во понеделникот на прес-конференција Ванчо Узунов, потпретседател на опозициската СДСМ, претставувајќи некои од плановите на неговата партија
„Самата влада, во секоја прилика, се фали дека ги има драстично зголемено субвенциите во земјоделието, и дека тоа претставува „грижа” за земјоделците и „добра земјоделска политика”. Првиот дел од оваа реченица е точен, имено во периодот 2006 до 2012 година, оваа влада има исплатено над 500 милиони евра за субвенции. Но, како стојат работите во однос на ефектите од таа политика?”, рече Узунов.
Според него за одговор на ова прашање треба да се погледнат три показатела, односно
трговскиот биланс на земјата со прехранбени производи, просечните приноси во земјоделието, како и цените на храната што ги плаќаат граѓаните на Македонија.
Според пресметките на Узунов, извозот на прехранбени продукти во 2006 година изнесувал 318 милиони евра, а во 2012-та изнесувал 479 милиони евра, што претставува зголемување од 50 отсто, додека увозот на истите производи во 2006 година изнесувал 367 милиони евра, а во 2012 година 680 милиони евра, што е тоа е пораст од 85 проценти, така што дефицитот во 2006 година изнесувал 49 милиони евра, а во 2012 година 200 милиони евра, па така се доаѓа до негово зголемување од повеќе од 300 отсто, односно трипати повеќе.
Потпретседателот на најголемата опозициска партија се задржа на состојбите со пченицата, па според неговите пресметки „увозот на пченица во 2006 година изнесувал 3,7 милиони евра, а во 2011 година 18,5 милиони евра; пораст од 400 отсто; вкупно во периодот од 2006 до 2011 година за увоз на пченица биле потрошени повеќе од 11 милиони евра; увозот на пченично брашно во 2006 година изнесувал 800 илјади евра, а во 2011 година 10 милиони евра; пораст од 1.150 отсто; вкупно во периодот 2006 до 2011 година за извоз на пченично брашно се потрошени 12,7 милиони евра”.
Просечните приноси во земјоделието, кај најголем број од културите, во овој период, во најдобар случај, биле останати на истото ниво како во 2006 година, доплни Узунов.
Се осврна и на цените на прехранбените производи кои ги плаќаат граѓаните. Според СДСМ, во целина, во периодот од 2006 до 2012 година тие се зголемени за 35 отсто.
„Тие имаат пораст еднаков како цените на храната во најзначајните надворешно-трговски партнери на Македонија; но, приходите на граѓаните, оние од чии пари се алиментираат субвенциите, не се пораснати за толкав износ; тоа е јасен доказ за пад на животниот стандард на граѓаните; од друга страна, и покрај големиот пораст на цените на храната, земјоделците производители во РМ постојано истакнуваат дека откупните цени на нивното производство се ниски и опаѓаат!”, смета Узунов.
„Од сето изнесено, следи прашањето: за што (за каков ефект) се потрошени половина милијарда евра за субвенции? Одговорот е јасен – оваа влада субвенциите во земјоделието ги користи само за купување социјален мир и лојалност на земјоделците (на избори). А граѓаните кои ги плаќаат тие средства – тие се изиграни за личните цели и потреби на власта”, заклучи Узунов.
Тој вети дека доколку СДСМ дојде на власт, неговата идна влада планира сосема поинаква политика во однос на земјоделието, којашто би опфаќала неколку главни моменти, како што се ставањето главен акцент на зголемување на ефикасноста и конкурентноста на земјоделското производство; субвенциите се пари на сите граѓани и тие треба да бидат користени за подобро задоволување на нивните потреби. Натаму, социјалдемократите планираат износот на средства таза субвенции нема да биде намален, но нема да има едноставно делење пари за засадена/посеана површина; Многу поголеми средства ќе се наменат за одржување и изградба на системи за наводнување, набавка на квалитетни семиња и подобри видови стока, подобрување на сигурноста на откупот, подобра дистрибуција на земјоделски производи и субвенционирање на влезните трошоци за земјоделско производство, како што се нафтата и др.
Узунов се обврза и дека неговата партија ќе се ангажира за зголемување на искористеноста на средствата од европските фондови наменети за земјоделско производство, а подетална разработка на наведените и редица други мерки во однос на политиката на СДСМ во земјоделието ќе следи наскоро со програмата која се изработувала.
Узунов на прес-конференцијата одговараше на новинарски прашања кои беа насочен и во врска со ткн трговска војна со Косово, при што одговори дека не е сигурен оти „станува збор само за трговска војна”, туку дека е малку вмешана и политиката
„Факт е дека секогаш кога ќе се измешаат политиката и бизнисот, особено на овој начин, страда бизнисот, за жал неправедно на штета на граѓаните”, рече Узунов кој своето мислење го темели од „очигледноста на потезите, бидејќи македонската влада воведе такси за граѓани, што е надвор од трговија”.
Запрашан за процената од штетите од ситуацијата со Косово коешто блокираше увоз на македонски производи без особено образложение, рече дека во овој момент не може да соопшти некои бројки, но „нема да биде тоа незначителна штета, напротив, со оглед на тоа што Косово е се позначаен партнер, во надворешно трговските односи, имаме суфицит токму со Косово”.
„Суштината е во тоа да не се дозволи да дојде до ова. Суштината е државата со своите чекори да не дозволи да се случи. Сега не останува друго освен да се фокусира на отстранување на пречките кои довеле до ова”, одговори Узунов на конкретното прашање што би советувал да се преземе во оваа ситуација
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Органите на Приштина на Север од денеска не постојат: Протести во Митровица, градоначалниците поднесоа оставки!
-
Милионски штети: Србија пресмета колку ќе изгуби поради блокираната трговија со Косово
-
Се одмаздуваат на Србија: Косово воведува 100 проценти царина на српската роба
-
Косово е противник на Македонија во полуфиналето во Лигата на нации