34. издание на Фестивалот „Браќа Манаки“ годинава се одржува под мотото „Пушти ја светлината“ и во 10 програмски целини донесува врвни 74 наслови од светската и од македонската кинематографија, меѓу кои четири премиери, потоа два кандидати за Оскар, голем број наградувани филмови на светските фестивали, познати автори и филмски таленти.
Во главната програма има 12 исклучителни филма, новите визии претставуваат жестоки 6 проекти, документарната селекција 8 провокативни наслови, во натпреварувачката програма на краток филм – 9, а 4 филма се дел од омажот за Кирил Ценески. „Вип оператор“ пред најмладите ќе прикаже бесплатно 5 филма за деца, 11 наслови ќе се „вртат“ во склоп на македонската панорама, 14 краткометражни проекти во програмата „Short matters “ на Европската филмска академија. Покрај тоа, ќе бидат проектирани 2 филма во чест на лауреатите Хосе Алкаин (Кожата во која живеам) и Ањес Годар (Дом).
– Се наоѓаме пред исклучително богато фестивалско издание. Годинава сум особено горда на мошне разновидната програма. Со цела сила се обидовме да ја донесеме најубавата нордиска светлина во Битола. Светлина која ќе даде една неверојатна динамика овие седум фестивалски дена. Програма исполнета со квалитетни филмови, најголем број работилници досега, конференции, промоции, неверојатни автори и гости, програмски иновации кои им ги нудиме на сите филмски зависници. Сметам дека сите заедно ќе уживаме во секој момент од ова издание, токму затоа ги поканувам сите што можат да ни дојдат на гости во Битола – истакна Лабина Митевска, директорка на Фестивалот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.