Играниот филм „Крани“, кој е во фаза на развој и се работи со поддршка од Филмскиот фонд на Македонија, доби награда за најдобар филмски проект на копродукцискиот маркет When East Meets West (WEMW) во рамки на филмскиот фестивал во Трст кој се одржува оваа недела. Наградата на European Audiovisual Enterpeneurs (EAVE) вклучува едногодишна стипендија за развој на филмскиот проект со експерти од областа на филмот и презентација на проектот пред најголемите финансиери на филм од Европа.
„Крани“ беше единствен претставник од Македонија на WEMW. Во продукција е на Фрагмент филм, сценарист и режисер е Ѓорче Ставревски, а продуцент е Емилија Чочкова.
Повеќе од 200 филмски проекти од Европа аплицирале за учество на настанот, а од нив само 22 биле претставени пред селектирана публика. Две третини биле играни, а останатите документарни филмови.
– Нашите претставници на настанот остварија и повеќе од 20 состаноци со дистрибутери, продуцентски компании и агенти од Европа. За филмскиот проект „Крани“ имаше огромен интерес и веќе се обезбедени потенцијални копродуценти од Холандија, Хрватска, Италија и Германија, а заинтересирани се и продуценти од Велика Британија и од Швајцарија, соопштуваат од Филмскиот фонд на Република Македонија.
EAVE е најголема организација и копродуцентска мрежа за развој на филмски проекти и едукација, која постои 25 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.