| четврток, 6 декември 2018 |

Шкотланѓани направија свадба во Дихово: Ова е прекрасна авантура!

Во традиционален македонски амбиент младоженците, кои се по потекло од Англија, но живеат во Шкотска, изведоа шкотска традиција на врзување и пиеа вино од традиционален шкотски рог посветен на Богот Тор, објави „Канал 5“.

,,Кога ќе се вратиме дома ќе им кажеме на пријателите дека Македонија е прекрасно место за ваква свеченост. Луѓето се многу пријателски расположени и ова е совршено место за венчавка. Кога ќе имаме деца сакаме да дојдеме тука и да направиме голема прослава за нивната крштевка.,,-вели младоженецот Барни Воннајт.

,,Многу сум возбудена и среќна. Овде доаѓаме секоја година. Македонија е многу убава земја со прекрасни луѓе. После ова во Шкотска дефинитивно ќе им пренесеме дека оние кои сакаат да стапат во брак треба да го сторат тоа тука.,,-вели невестата Лизи Воннајт.

Гостите ги забавуваше англиски актер кој работи и како аниматор со оган. Откако ја добил свадбената покана тој четири дена со мотор патувал од Англија до Македонија.

,,Прв пат сум тука. Македонија е многу убава земја и сега гледам зошто Лизи и Барни решија свадбената церемонија да ја направат тука.,,-вели Пал Палсон, аниматор со оган.

Дворот беше декориран со  македонски црвени пиперки, а се служеше мусака, тавче гравче, сарми и домашно македонско вино.

,,Бараат природна домашна храна. Се што има во нашата градина. Уживаат во мирот и во воздухот.,,-вели Пеце Цветковски, претставник на Слоуфуд Битола.

Познатиот туристички водич ,,Лонли Планет,, Дихово го вбројува во најдобрите места кои треба да се посетат во Македонија, а гостите на потпелистерската свадба го потврдуваат тоа.

,,Мислам дека ова е фантастично и многу оригинално. Тоа се должи на прекрасната околина  овде во Македонија. Мислам дека ова е една прекрасна авантура.,,-вели Софи Барун од Англија.

,,Одлична идеја. Со Барни се сретнавме во Мароко, а подоцна не покани на свадба. Дојдовме преку Шпанија и многу ни се допаѓа овде на Пелистер.,,-вели Ашли Роуд од Австралија.

Синоќа до доцна во ноќта во Дихово се играше на звуците на шкотски етно бенд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top