Македонија добива нов сојузник во Европскиот Парламент, објавува Канал 5. Хрватските европратеници од септември најавуваат голем притисок во Брисел за да издејствуваат почеток за македонските преговори, објави телевизијата. Европратеникот Давор Иво Стиер најави офанзива против политиките на Грција. Стиер вели дека Македонија е подготвена и мора да почне со преговорите.
Хрватските европратеници ќе го притискаат и еврокомесарот Штефан Филе да не отстапува од намерите Македонија на следниот европски Самит да добие согласност за преговори.
-За нас принципиелно е дека билатералните проблеми, а ова е билатерално прашање меѓу Атина и Скопје не треба да го попречува интегрирањето на Македонија. Тука се работи за политичка блокада, не станува збор дека не се исполнети критериумите, ние ќе работиме да се развива свеста дека билатералните проблеми не треба да бидат пречка европската агенда во случајот европската интеграција на Македонија, вели Давор Иво Стиер европратеник од Хрватска за Канал 5.
Хрватска на состаноците во Брисел ќе инсистира билатералните проблеми да не ја загрозуваат политиката на проширување. Стиер најави дека од септември тој и неговите колеги од Хрватска ќе се зачленат во групата Пријатели на Македонија во која партиципираат околу 20-тина европратеници од цела Европа. Хрватските европратеници најавуваа силна поддршка за известувачот за Македонија Ричард Ховит. Тие остро ќе се спротиставуваат на грчкиот и бугарскиот притисок во Европскиот Парламент.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


