| четврток, 6 декември 2018 |

Заврши санацијата на манастирот „Пресвета Богородица“ во Вељуса

Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица ја завршија реализацијата на конзерваторските работи на покривната конструкција на манастирот „Пресвета Богородица Милостива“ во с. Вељуса, Струмица, проект одобрен преку програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура.

Проектот опфаќа конзерваторски интервенции и обнова на покривната конструкција на објектот, кој по своето архитектонско решение е единствена градба од 11 век, за да се зачува изворниот изглед на манастирот, кој е бисер на средновековните споменици во Македонија.

Манастирот е вреднуван како еден од најмаркантните културно-историски споменици на почвата на Македонија. Се карактеризира со раскошноста на фрескоживописот на којшто се појавуваат голем број иконографски новитети – дело на непознати и мошне талентирани сликари. Во архитектурата се забележуваат елементи на поврзаност со архитектурните традиции од времето на свети Климент и свети Наум Охридски. Црквата е значајна по својата изворно зачувана архитектура, живопис, мозаичен под и мермерен иконостас.

Во манастирот „Пресвета Богородица Милостива“ се одвивала значајна творечка, препишувачка и преведувачка активност. За одбележување е некогашното богатство на колекцијата од икони со сребрени и позлатени опкови и со богата орнаментика. Манастирската црква до денес е активна и од 1996 година функционира како женски манастир во којшто се негуваат истите монашки вредности воспоставени уште во периодот на раното христијанство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top