| четврток, 6 декември 2018 |

Жешка политичка есен – предвремени избори или референдум за името?

Во наредниот месец нè очекува сончево и топло време со температури до 30 степени. Есенва нè очекува и поскапување на лебот и зголемување на животните трошоци. Но, топло и мачно со испразнет џеб нема да им биде само на граѓаните. Жешка и бурна есен ги очекува и политичарите. По случувањата со анкетната комисија за настаните од 24 декември политичкиот дијалог влезе во конфузна фаза, објави „Канал 5“.
Додека портокаловите бараа розови решенија, а сините се надеваа на најцрното сценарио, се отвори ново поле на политички игри. Политичкиот дијалог се издигна на следното ниво, опозициските пратеници се вратија во Собранието, најавија проактивност, жестоката пратеничка реторика повторно стана секојдневие, а владејачката партија ДУИ сè почесто гласно размислува за спорот за името.

Лидерите на поголемите политички партии во земјава одржаа одвоени средби, па сега повеќе нема недостаток на комуникација, но затоа недостасува продуктивност од дијалогот, велат аналитичарите. За нив, ова ќе биде интересна есен, затоа што нерешавањето на прашањата кои создаваат тензии во општеството водат до неколку сценарија од кои едното е заострување на политичката сцена кое ќе доведе до предвремени избори или другата, помалку веројатна можност за есенва, е консултативен референдум за спорот за името.

Од друга страна, клучна улога на политичката сцена есенва ќе одигра и извештајот на Европската комисија, односно новата препорака или недостаток на препорака за одредување на датум за почеток на преговорите со Европската унија.

Според однесувањето на политичката елита, аналитичарот Алберт Муслиу вели дека не гледа дека политичарите се трудат да бидат креативни во изнаоѓање на решенија, туку напротив, тие се креативни само во потрагата по виновникот за случувањата. Тој додава дека Македонија сега се наоѓа во една интересна и конфузна фаза.

„Економските индикатори не се баш сјајни, односите со нашите меѓународни партнери не се баш сјајни. Гледаме една зголемена дипломатска активност и на грчката страна, чија главна цел секако не се преговорите со Македонија за името, тоа секако се рефлектира и на внатрешно-политичката сцена, така што јас не би ја исклучил можноста за жешка есен. Кога велам жешка, не велам за предвремени избори, но секако на зголемена активност и на опозицијата и на владејачките партии“, вели Муслиу.
Политичкиот аналитичар и поранешен кандидат за претседател на опозициската партија СДСМ, Кире Наумов, вели дека владејачката ДУИ навестува дека времето за решавање на спорот за името истекува поради внатрепартискиот притисок. Причината за тоа е ветувањето на ДУИ дека Албанците од Македонија ќе бидат првите на Балканот кои ќе влезат во ЕУ, објаснува Наумов.

„Сведоци сме дека тоа не се случува и мислам дека ДУИ е дојдена до црвената линија, мора да се разреши таа состојба. Едно од решенијата е дека со предвремени избори може да се разреши, владината коалиција да добие некаква друга форма, новата владина коалиција, но мислам дека сосема реална и е можноста од формирање на ново мнозинство во постоечкиот парламентарен состав“, вели Кире Наумов.
Тој смета дека ако ДУИ неколку пати најави дека нови избори нема да донесат промена на власта, тогаш реално може да се размислува дека ќе се формира ново мнозинство од веќе постоечкиот парламентарен состав.
Во изминатиов период ДУИ започна со стегање на обрачот околу спорот за името, а воедно покажа и зголемена дипломатска и медиумска активност. Па тука се наметнува прашањето како сето тоа ќе влијае врз владината коалиција. Наумов вели дека притисокот на ДУИ кон меѓународната сцена можеби е корисен, но тоа нема ништо да смени.

„Јас мислам дека преку тој притисок, реално ДУИ врши поголем притисок на домашната сцена, пред сè на својот партнер, на ВМРО-ДПМНЕ, и врз основа на тоа притисокот што се прави тука е пореално дека може да доведе до побрзо решавање на името“, вели Наумов.

Муслиу смета дека во наредниов период ДУИ од нивната политичка агенда нема да го симне прашањето за решавање на спорот со името, а тоа ќе влијае врз коалициските односи. Тој додава дека најавената активност на опозициската партија СДСМ во подобрување на политичкиот дијалог нема да помогне доколку не наиде на слух од страна на власта.

Во изминатиов период, лидерите на најголемите партии одржаа одвоени средби кои што ја разбрануваа политичката сцена. Зоран Заев му беше на гости на Али Ахмети, Никола Груевски имаше средба во владата со Заев, а неколку месеци порано се сретна и со Мендух Тачи. Но, како што јавува весникот Дневник, Тачи пред две недели ја одбил поканата на Заев за средба. Партиски прегрупирања во следниот период теоретски се можни, вели Муслиу.

„За жал, кај нас како примарна водилка ги гледа своите партиски интереси. Ако тие се совпаднат евентуално и со државните, тогаш и за граѓаните е подобро. Но можни се, штом се можни теоретски, законски, јас не знам зошто практично не би биле можни, затоа ви велам, овој и наредниот месец ќе бидат интересни месеци во смисла на одредување на правецот на движењето на нашата политика“, вели Муслиу.

Тој додава дека предвремени парламентарни избори на есен се нереални, но сè поизвесно е дека тие може да се случат заедно со претседателските на пролет, но тоа зависи од односот на меѓународните партнери и образложението кое политичката елита би го искористила за да го образложи тоа.

Наумов, пак, вели:

„Мислам дека додека ДУИ врз основа на сите нивни досегашни објаснувања дека предвремените избори не носат ништо ново и дека доколку гласаат за предвремени избори тоа значи дека нема да доведе до ништо ново, тука сака да ја конзервира истата ситуација. Колку што се големи шансите за предвремени избори, толку мислам дека се големи шансите дека тие не би се случиле, односно дека може да дојде до прегрупирање, односно ново мнозинство во постоечкиот состав, има шанси ДУИ да се одлучи за такво нешто“, вели Наумов.
Од друга страна, во политичката битка масло во огнот долева и проектот Скопје 2014 за кој опозицијата бара од обвинителството да стартува кривичен прогон.

Според познавачите на општествените состојби, проектот придонесува за сè поголеми политички поделби. Аналитичарот Алајдин Демири смета дека покрај контроверзиите кои ги предизвика, една од причините за поделбите е тоа што проектот мина нелегално во Собранието без јавна дебата за неговата најава.

„Скопје 2014 како проект и концептуално беше проект на раздор, проект на инаети и еден проект за кој само ВМРО-ДПМНЕ знаеше што сака. Мислам дека нема да престанат тие препукувања, затоа што и граѓаните и партиите и сите се поделени околу тоа“, вели Демири.

Есенва се очекува и целосна ревизија на проектот, со што дополнително ќе се разгори политичката сцена со обвинувања кои наместо на факти ќе се базираат на партиски ставови, а прашањето ќе биде има или нема криминал во проектот и дали ревизијата е објективна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top