Колумнистот и аналитичар на дневниот весник „Нова Македонија“, Мирка Велиновска во денешниот коментар жестокот го критикува главниот уредник на весникот Зоран Димитровски. Ова е ретка ситуација во македонските медиуми кога уредници и автори на еден весник јавно се критикуваат.
Меѓу другото, Велиновска за Димитровски пишува:
„Не постои моќ на планетава што нема цел да контролира сѐ што може ако сака да остане моќ. И не постои новинарство во светов што за да биде моќно, значи и релевантно, не наоѓа начин да се ослободи од туторство и контрола. Ако сака. Политиката и бизнисот му се природни непријатели на новинарот. Во исто време тие се меѓусебно зависни. А обете во крајна линија постојат за луѓето (публика и гласачи). Не е лесно во овој свет да внесеш хармонија. Дополнително е тешко ако се обидуваш да манипулираш и да глумиш катаден жртва на систем, односно на режим. Новинари сме и затоа јавно го прашувам главниот уредник, зошто тој и неговите браќа главни уредници не се одважиле досега да ги запознаат своите читатели и гледачи дека фиљан-политичар доставил до фиљан-редакција одглумено интервју. Зошто кога преговарале за вработување како главни уредници не испреговарале договори со сопствениците, кои ќе им гарантираат новинарска и уредувачка слобода? Зошто предимство во тие преговори им даваат на своите лични материјални интереси, кои подразбираат добра плата, бонуси, возила и други сл. привилегии што немаат ништо заедничко со професијата? Зошто во тие договори ниту еден се нема обврзано за одредено време да ја зголеми гледаноста или тиражот? Ниту газдите тоа од нив го бараат, а нели, и тие се пазарно ориентирани и очекуваат од своите бизниси да профитираат, ниту главните уредници се вознемируваат што публиката ги множи медиумите со нула. Како бре сиве овие мрачни години главните уредници, кои сите до еден се ротираат, ама не отстапуваат од уредничката фотелја, ескалираат во демократи само ако една или друга власт и еден или друг газда не им ги исполни личните лукративни интереси!? Никој нема „абдицирано“ во обичен новинар-шљакатор во знак на протест. Никој не се откажа од бонусите. А сите во присуство на моќта си гледаат во врвот од чевлите. Знам. Илјада пати сум била во ситуација да гледам како оваа сорта медиумски работници им се лигават и на политичари и на газди, а уста не отвораат, а камоли да се спротивстават, да повишат глас, да се побунат јавно и гласно. Јас, на пример, имам право ова да го кажам. Никогаш не сум молчела пред никаква моќ. И пред сопственикот на „Нова Македонија“. А сум видела едно чудо главни уредници, вклучително и тројцата во „Нова Македонија“, кои професионално и гранитно молчат или тркалаат со очите во присуство и на газди и на политичари. Чудна работа! Мене никој никогаш не ми кренал телефон да ми побара да скријам или да пуштам информација. Ни онаа ни оваа власт. Ни сите газди кај кои сум работела како новинар. Можеби зашто од почетокот на кариерата јасно сум си ги зацртала принципите и стандардите по кои работам и со кои не правам компромис. Оние што се обиделе јавно сум ги посочувала. И тоа неодложено, да сочекам да паднат од власт, па потоа на мртви Германци да вадам пиштол. Со моќта се „тепам“ додека е моќ. И не се залажувам дека опозицијата по дифолт е слабата страна. Ниту верувам дека Соросовите следбеници се поразени.“
Целиот коментар овде.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



