| четврток, 6 декември 2018 |

Тројца македонски интернационалци во ЛЕ, ефектот е три порази со гол-разлика 0-9

Тројца македонски интернационалци настапија вечерва во првата рунда од плејофот за пласман во Европа Лигата на УЕФА, а ефектот е катастрофален, три порази и гол-разлика од 0-9. Најлошо мина Дарко Глишиќ, бекот на Динамо Тбилиси, со дебакл од 0-5 на домашен терен од англискиот претставник Тотенхем. Гостите лесно минаа низ Тбилиси и веќе се во фазата по групи во ЛЕ. Глишиќ играше само во првото полувреме, што заврши со предност од 2-0 за фаворитот од Лондон. Таунзенд и Паулињо беа стрелци за Тотенхем во првиот дел, а потоа катастрофата на Динамо ја заокружија и Солдадо со 2 гола и Роуз со еден погодок.

Речиси 70 минути на теренот мина Муарем Муарем за азербејџанскиот тим Карабах во поразот од 0-2 дома со Ајнтрахт Франкфурт. Александер Мејер беше стрелец на двата гола за германскиот состав. Цел меч за Астра одигра Мирко Ивановски, но и тој немаше позначаен ефект во нападот на романскиот тим. Макаби во Хаифа победи со 2-0, со што само го заокружи катастрофалниот ефект во првиот дел од двомечите во финалната рунда за пласман во ЛЕ. Рајо и Тургеман погодија за победа на израелскиот тим, а поразот на Астра можеше да биде и поубедлив бидејќи домаќините промашија и пенал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top