| четврток, 6 декември 2018 |

СВП:обвинувањата на Зијадин Села се неосновани и паушални

Советот на Меѓународната поетска манифестација Струшки вечери на поезијата ги смета за  тенденционзни неточни, паушални и неосновани тврдењата на градоначалникот на Општина Струга Г-дин Зијадин Села, изнесени на денешната прес конференција, во кои  обвинува за наводна неупотреба на албанскиот јазик при официјалната комуникација на фестивалот “Струшки вечери на поезијата” ,чие 52 издание започнува вечерва во Струга, се вели меѓу другото во реакцијата.

Во оваа насока, уште еднаш ја информираме  јавноста, дека  за сите официјалните обраќања и говори на гостите на фестивалот е обезбеден  превод на македонски, албански и англиски јазик. Целокупниот информативен материјал околу организацијата на фестивалот (летоци,брошури,покани) е испечатен на   македонски, албански и англискиот јазик,  додека при  настапите на странските  поети  учесници на фестивалот   –  се користи видео бим со  превод на  трите споменати јазици.

Сметаме дека ваквите неосновани обиди, да се фрли сенка врз најреномираниот поетски фестивал, кој цели 52 години претставува празник на  светските поетски дострели, воопшто не му одат во прилог на  меѓународниот углед на фестивалот, домаќинот – градот Струга  и  Република Македонија воопшто.

Се надеваме дека градоначалникот Села, ќе ја согледа неоснованоста на својата одлука за бојкот и како добар домаќин  ќе ги преземе сите потребни активности со кои ќе придонесе за што поуспешнa реализација на  52-те Струшки вечери на поезијата на кои учествуваат над 50 реномирани поети од целиот свет и кои на градот Струга му донесоа светска слава.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top