Уредникот на Гардијан Алан Расбриџер порачал дека уништувањето на дисковите со податоците што ги добиле од Едвард Сноуден е бесмислено зашто имаат копии, но дека тоа му помогнало на весникот да продолжи да известува.
Алан Расбриџер за Би-би-си рекол дека се согласил да ги уништи дисковите бидејќи тоа било подобра опција отколку да им ги предаде на властите, но порачал дека имаат повеќе копии на компјутерите надвор од Велика Британија.
Така овој симболичен чин му овозможил на Гардијан да ја избегне забраната за известување за активностите на прислушувањето на Велика Британија и Соединетите Американски Држави.
„Тоа беше прилично бизарна ситуација, зашто јас им објаснив дека ние ги поседуваме копиите и дека, исто како и Викиликс, не работиме само во Лондон. Им реков дека уништувањето на една од тие копии за мене претставува бесмислен чин, кој не го зема предвид начинот на протекот на информации во денешниот дигитален свет“, рекол Расбриџер.
Иницијативата за активностите на разузнавачките служби, според медиумите, стигнала директно од седиштето на британскиот премиер Дејвид Камерон.
„Сметав дека не би имало смисла да се впуштам во каква било правна борба, кога веќе имаме копии и едноставно можеме да го поместиме центарот на известувањето на американскиот континент, пред сè во Бразил и во САД, каде што новинарите ги штити Првиот амандман“, рекол Расбриџер.
Главниот уредник на весникот навел дека прво го контактирал еден „висок владин службеник“, кој рекол дека „ги претставува ставовите на премиерот“. Иако не навел за кого станува збор, Би-би-си и другите медиуми наведуваат дека најверојатно е во прашање шефот на кабинетот на Камерон, Џереми Хејвуд.
„Да ги предадевме дисковите, тоа ќе значеше дека не сме го заштитиле својот извор. Сноуден тоа веројатно не би го сакал, а материјалот властите на САД веројатно би можеле да го користат за негово прогонување. По разговорот со владините службеници, се согласив на еден од најбизарните моменти во нашата историја во ерата на дигиталното новинарство“, рекол Расбриџер.
Тој објаснил дека еден од главните уредници и компјутерскиот експерт на весникот во придружба на двајца агенти слегле во напуштената визба во зградата на „Гардијан“ и со помош на брусилка и друг алат ги уништиле дисковите и мемориските чипови на кои се наоѓаат податоците.
„Претставниците на разузнавачката служба ни кажуваа како и кој од дисковите да го уништиме“, рекол тој.
Денес се појавија оцени дека Гардијан го направил тоа зашто се вовлекол во мрачни бизниси“, но Расбриџер на Твитер повторил дека единствената причина за одлуката за уништувањето е тоа што постојат други копии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.