| четврток, 6 декември 2018 |

Жерновски побара пешачки од Јанкуловска, МВР го прати да учи од Беличанец

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, бара од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска да се бојадисаат пешачките премини и во Центар, а не само во општината Кисела Вода како што беше најавено.

– Ја повикувам министерката Јанкулоска, исто како во општина Кисела Вода, да го спроведе проектот за обновување на 100 пешачки премини и во општина Центар. Безбедноста е потреба за сите деца во сите општини – вели Жерновски.

МВР возврати:

Иако помина долг период од отпочнувањето на работењето на новата власт во општина Центар, Министерството за внатрешни работи жали што актуелниот градоначалник сè уште не ги познава доволно своите ингеренции и обврски кон граѓаните.

Добро е конечно да престане да се занимава само со политикантство и да започне со реализирање на проекти во полза на граѓаните на општината. Без разлика за кого гласале, тие заслужуваат локална власт која ќе ги решава нивните проблеми. Го охрабруваме да ја заборави индиферентноста и да почне со покренување на иницијативи кои би значеле напредок на општината. Веруваме дека на неговата колешка ќе ѝ биде задоволство да му помогне и да го упати на добрите начини на работење и пронаоѓање на општествено одговорни претпријатија кои би ги помогнале ваквите проекти.

За доброто на сите граѓани, МВР било и останува подготвено да партиципира и да го даде својот придонес не само во областа на безбедноста во сообраќајот, туку во сите проекти за кои што општините ќе проценат дека се неопходни. Општините и властите кои ги управуваат не смее да се делат на владејачки или опозициски, туку на одговорни и неодоговони, односно на оние кои умеат или не умеат да работат во интерес на граѓаните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top